Во скопската Зоолошка градина денеска угина лавот Жика, кој имаше 16 години, соопшти Зоолошката. Лавот Жика, кој во Скопје беше дојден од Зоолошката во Белград, живееше 2 години повеќе од највисоката просечна старост на лавовте, кои во природа живеат од 10 до 14 години.
„Со оглед на длабоката старост, лавот Жика изминатата година почна да развива тумороидни израстоци на повеќе места на телото, за коишто во февруари со целосен тим на професори и ветеринари од Факултетот за ветеринарна медицина беа извршени хируршки интеревенции и истите беа отстранети, но изминатите два дена состојбата се влоши и веднаш беше реагирано од страна на тимот на ЗОО Скопје, заедно со тимот на ветеринари од Факултетот за ветеринарна медицина. Сите заедно направивме се што можевме, лавот примаше терапија, но за жал не издржа. Секогаш грациозен, со својата величенствена грива го привлекуваше вниманието на сите посетители. Го сакаа и децата и возрасните, а најмногу вработените. Ова е голема загуба за сите нас“, велат од Зоолошката.
Изминативе две години во скопската ЗОО угинаа слоницата Дуња, сибирската тигрица Надја и жирафите Каспер и Флопи.