ГРАД СКОПЈЕ НЕ ДОБИ ПАРИ ОД ВЛАДАТА ЗА НИЕДЕН ПРОЕКТ СО КОЈ АПЛИЦИРАШЕ, ОДБИЕНИ СЕ И ОПШТИНИТЕ СТРУМИЦА, САРАЈ И ТЕАРЦЕ

    ГРАД СКОПЈЕ НЕ ДОБИ ПАРИ ОД ВЛАДАТА ЗА НИЕДЕН ПРОЕКТ СО КОЈ АПЛИЦИРАШЕ, ОДБИЕНИ СЕ И ОПШТИНИТЕ СТРУМИЦА, САРАЈ И ТЕАРЦЕГрад Скопје на огласот аплицираше со 20 проекти, меѓу кои и за набавка на 95 нови автобуси. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Град Скопје не доби пари од Владата за ниту еден од 20 проекти со кои аплицираше на огласот за помош на Општините за реализација на инфраструктурни проекти. Одбиени се и проектите на Општините Струмица, Сарај и Теарце оти не ги исполнувале условите.

    На огласот на Владата аплицираа 80 Општини со 357 проекти. Евалуционата комисија составена од претставници од шест ресорни министерства оценила дека условите ги исполнуваат 77 Општини, а финансирани ќе бидат 274 проекти. Вкупната вредноста на проектите е 65 милиони евра.

    Изборот на проекти вчера поминал на владина седница и сега Општините етапно како ќе ги реализираат проектите ќе добиваат пари од државниот буџет.

    Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека Владата го направи изборот по доставениот предлог на проекти од страна на шесте ресорни министерства.

    „Оценувањето и изборот го правеа евалуционите комисии. Пари добија речиси сите градоначалници и од власта и од опозицијата. Општина Струмица не доби бидејќи аплицираше со проект кој веќе е тендериран. Пари не доби ниту Град Скопје, така одлучи евалуционата комисија и во моментов немам повеќе детали. Најмногу средства, речиси 243 милиони денари ќе добие Општина Куманово, која најголем дел од финансиската помош ќе ја намени за проекти од областа на инфраструктурно и комунално уредување. Општина Центар доби 90 милиони денари за реконструкција на спортската сала ‘Работнички‘“, вели Перински.

    Премиерот Мицкоски денеска во тетовоското село Радиовце рече дека на Струмица, Сарај, Теарце и Скопје не им биле одобрени проектите поради грешки во аплицирањето, но дека рокот за доставување на проектите ќе биде продолжен до 15 ноември и се надева оти дотогаш и овие четири општини ќе ги поправат грешките и ќе можат да добијат пари за предвидените проекти. Тој рече дека општините Струмица, Теарце, Сарај и Скопје ќе треба да извршат корекции во предложените проекти ако сакаат да добијат од средствата за оваа намена.

    „Мислам дека Општина Струмица не доби затоа што конкурираше со проект кој што веќе е почнат и проект кој што има избран изведувач и е во тек. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои што ќе може да ги финансираме. Општина Теарце поднесе проекти преку приватна имејл адреса, па го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници. Од Општина Сарај имаме поднесено некомплетна документација и очекувам до 15 ноември и ова да биде отстрането. Скопје конкурираше со проекти кои се некомплетни и бараат автобуси и средства за одржување на улиците, а истовремено имаат од Владата пренесено околу 10 милиони евра кои стојат на сметката за една капитална инвестиција, а тоа е булеварот Хасан Приштина кај кој веќе 2 години ништо не е направено“, појасни Мицкоски.

    Општините ќе ги добиваат средствата на наменска сметка, фазно по реализирана ситуација. Целата процедура ќе ја следи координативното тело во чиј состав партиципираат претставници од сите ресорни министерства преку коишто ќе се финансираат избраните проекти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира