Ракометарот на Вардар Вуко Борозан можеби нема да настапи на утрешниот натпревар од Европската лига против Порто откако во Скопје го нападнале улични кучиња. Веста ја потврди тренерот Владо Неданоски, кој кажа дека црногорскиот играч по инцидентот завршил в болница.
„Се случуваат неочекувани работи во нашиот главен град. Вуко Борозан беше нападнат од кучиња додека се шетал со своите деца и заврши в болница. Бранејќи се од кучињата, заработи 14-15 конци“, изјави Неданоски на прес-конференцијата на која го најави мечот со Порто.
Вуко Борозан се врати во Вардар откако со овој клуб претходно ја освои Лигата на шампионите.
Секој ден во билтените на Министерството за внатрешни работи (МВР) има по десетина пријави за каснати граѓани од улични кучиња. Улиците не само во Скопје, туку и во другите градови низ државава се полни со кучиња скитници. Собрани во глутници, кај голем број граѓани предизвикуваат страв и несигурност.