НА ОНКОЛОГИЈА НЕ СЕ ЕВИДЕНТИРААТ ЛЕКОВИ ПРИМЕНИ СО ДОНАЦИИ, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ ЌЕ ПОСТАПИ ПО ПРЕПОРАКИТЕ НА РЕВИЗОРИТЕ

    НА ОНКОЛОГИЈА НЕ СЕ ЕВИДЕНТИРААТ ЛЕКОВИ ПРИМЕНИ СО ДОНАЦИИ, ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ ЌЕ ПОСТАПИ ПО ПРЕПОРАКИТЕ НА РЕВИЗОРИТЕДЗР вели дека во текот на 2023 се изготвени и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, но уште не се одобрени од Министерството за здравство. (Фото: К. Попов)

    На Клиниката за радиотерапија и онкологија не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба, е една од забелешките во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    „Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување“, стои меѓудругото во извештајот.

    „Скоро го добивме извештајот. Заедно со тимот имаме предвидено акционен план и ќе постапиме по корекција на препораките“, изјави денеска директорот на Клиниката, д-р Игор Стојковски.

    Во текот на 2023, како што вели ДЗР во соопштението, Клиниката примила лекови во вредност од 33 милиони денари (над 530.000 евра) по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција. Во ревизорскиот извештај истакнато е дека состојби во врска со прием, складирање и издавање на залихи на лекови се утврдени и во Конечниот ревизорски извештај на овластениот државен ревизор за 2021, за што пред надлежен орган во тек е постапка.

    За вршење на дејноста Клиниката од Фондот добива договорен надоместок како и условен надоместок кој се доделува за набавка на т. н. биолошка терапија.

    Во извештајот се истакнува дека, и покрај преземените активности од одговорните лица по дадените препораки во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор од извршена ревизија за 2021,  и понатаму постојат определени состојби кои се значајни да се истакнат и кои влијаат на работењето на Клиниката.

    Во текот на 2023, како што велат од ДЗР, изготвени се и се применуваат повеќе протоколи/упатства за дијагностика, третман и следење на онколошки пациенти во кои како терапија е вклучена и биолошката, но сè уште не се одобрени од Министерството за здравство.

    „И покрај зголемувањето, одобрениот условен надоместок не е доволен за вклучување на сите пациенти кои според медицинските индикации би можеле да ја примаат терапијата, односно одобрените средства се доволни за приклучување на само 24 отсто од пациентите кои примаат терапија во дневна болница“, стои во извештајот.

    „Бројот на пациенти кои се лекуваат на клиниката е во континуиран пораст“, се вели во извештајот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира