ЌЕ СЕ ИСЕЧАТ 30 ДРВЈА ЗА УЛИЦАТА „БОРИС КИДРИЧ“ ВО ТЕТОВО ДА СТАНЕ БУЛЕВАР

    ЌЕ СЕ ИСЕЧАТ 30 ДРВЈА ЗА УЛИЦАТА „БОРИС КИДРИЧ“ ВО ТЕТОВО ДА СТАНЕ БУЛЕВАРЗа реконструкцијата на улицата ќе се исечат триесетина големи иглолисни и листопадни дрва кои оваа улица ја правеа најзелена во градот. (Фото: СДК.МК)

    Најзелената улица Борис Кидрич во Тетово наскоро ќе остане без триесетина дрвја, бидејќи почна реконструкцијата со која Општината одлучи да ја направи булевар. За реализација на проектот ќе треба да се исечат дрвјата од двете страни од оваа улица.

    Градоначалникот на Тетово Билал Касами вели дека овие дрвја биле стари и болни и дека кога ќе се направи булеварот ќе се посадат нови дрвја.

    „Се работи за модерна инфраструктура и нов концепт на патната инфраструктура на градот каде ќе имаме пешачка патека во средината на булеварот, а сообраќајот ќе се одвива од двете стани на патеката. Концептот е, овој дел од булеварот да биде продолжување на градскиот Плоштад. Од двете страни на пешачката патека предвидено е да има зеленило, патека за велосипеди и тротоар на рабовите од сообраќајницата. Ако нѐ послужат временските услови, булеварот треба да биде завршен за 4 месеци. Целата инвестиција ќе се реализира во две фази, првата е 5 милиони денари и опфаќа подготвителни работи и тампонирање и втората фаза, асфалтирање, која ќе чини околу 7 милиони денари“, изјави Касами.

    За реконструкцијата на улицата ќе се исечат триесетина големи иглолисни и листопадни дрва кои оваа улица ја правеа најзелена во градот.

    „Имаме елаборат од соодветен инженер за таа проблематика кој направи соодветно решение. Овие дрвја, поради тоа што се застерени ќе бидат исечени и ќе биде посадено ново зеленило и тоа повеќе отколку што го има сега и ова е согласно елаборатот за заштита на животната средина“, вели Касами.

    Слична беше состојбата и со реконструкцијата на улицата Страшо Пинџур, кога почнаа да се сечат дрвјата кои таму беа со децении. Тогаш дел од нив се исекоа, но по бурните рекации на граѓаните се успеа за се зачуваат дел од старите дрвја.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира