Во Тетово не само што се создаваат нови диви депонии, туку и оние кои порано беа исчистени, се обновуваат, односно сега таму повторно се фрла најразновиден смет. Таква една голема депонија беше и таа на самиот влез во градот која со години го загадуваше воздухот и почвата на градот. Кога конечно, пред неколку години, таа се исчисти и се дислоцира, некои несовесни тетовци повторно почнаа тука до го одлагаат сметот и тоа најмногу оној кабастиот.
Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами денеска беше на местото на оваа депонија каде започна нејзиното повторно чистење.
„Ни беше алармирано дека на оваа локација, која е критична точка во градот, се фрла кабаст отпад од несовесни граѓани. Ние веднаш реагиравме и излеговме на терен и од денеска е почнато интензивно да се работи во расчистување на оваа дива депонија. Ги замолувам сите граѓани да не фрлаат отпад каде што не е му е местото затоа што веќе е постои локацијата на која бесплатно може да се остави кабастиот отпад, а не да се фрла на вакви диви депонии.
Според информациите од инспекторатот досега се изречени 30 глоби на граѓани кои фрлале смет надвор од предвиденото место, 50 пријави се во процес на обработка, а има пуштено и околу стотина опомени, дека ако се повтори делото тие ќе бидат казнети“, изјави градоначалникот Касами.
Казните за граѓаните кои фрлаат смет надвор од предвидените места изнесува 50 евра во денарска вредност, а за правните лица казните се поголеми.
З. АНДОНОВ