Џо Бајден кажа дека ќе обезбеди мирна и уредна транзиција на власта, во своето прво обраќање по вчерашните избори во САД, на кои Доналд Трамп убедливо ја порази демократката Камала Харис.
„Вчера зборев со новоизбраниот претседател Доналд Трамп и му честитав на победата. Го убедив дека целата администрација работи со неговиот тим за да се обезбеди мирна транзиција на власта. Тоа е она што американскиот народ го заслужува“, кажа Бајден.
Тој зборел и со Камала Харис и кажа дека таа би требала да биде горда на својата работа.
Укажувајќи на неоснованите обвинувања од Доналд Трамп дека со измама ги изгубил изборите во 2020, Бајден изрази надеж дека реизборот на Трамп ќе ги отстрани сомнежите за правичноста на изборите во САД.
„Американскиот изборен систем е искрен, правичен и транспарентен и може да му се верува, без разлика дали сте изгубиле или победиле. Затоа, да ја спуштиме температурата. Земјата избира еден или друг. Мора да го почитуваме изборот што го направила земјата. Не можете да ја сакате вашата земја само кога победувате“, рече Бајден.
Тој го опиша својот мандат како историски, додавајќи дека зад себе ја остава најсилната економија на светот.
„Неуспесите се неизбежни, но откажувањето е непростливо. Ова е тешко време. Оваа битка ја изгубивме, но ќе бидеме во ред, треба да ја зачуваме вербата“, им порача Бајден на своите поддржувачи.