Виш советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кажа дека новата администрација ќе се фокусира на постигнување мир во Украина, а не на враќање територии. Брајан Ланза, стратег во Републиканската партија, кажа дека владата на Трамп ќе побара од Володимир Зеленски „реалистична визија на мирот“.
„Ако претседателот Зеленски ни дојде и ни каже дека може да има мир само ако го имаат Крим, тој само ќе ни покаже дека не е сериозен“, рече Ланза.
Неодамна претставениот „план за победа“ на Зеленски ја отфрла можноста за тргување со украинските територии и суверенитет.
Русија го анектираше Крим во 2014, а откако осум години подоцна започна целосна инвазија врз Украина, прогласи и незаконско припојување на уште четири украински региони. Од нив, Русија денес контролира 80% од Донбас (Доњецк и Луганск) и над 70% од Херсон и Запорожје.
Ланза не ја спомна источна Украина, но кажа дека враќањето на Крим од Русија е нереалистично и не е цел на САД.
„Кога Зеленски вели дека борбите ќе запрат дури откако ќе биде вратен Крим, имаме вести за него: Крим е изгубен. Имаме огромна почит кон украинскиот народ, кој има лавовско срце, но приоритети на САД се мир и запирање на убивањето. Реалноста на теренот е дека европските држави и претседателот Бајден не ѝ дадоа на Украина капацитети и оружје за да победи во оваа војна на самиот почеток и не успеаја да ги укинат ограничувањата за Украина да победи“, кажа Ланза.
Трамп, кој веќе разговараше со Зеленски, во кампањата повторуваше дека може да ја заврши војната во Украина за еден ден, но не кажа како. Владимир Путин кажа дека ова негово тврдење заслужува внимание, но дека Русија нема намера да се откаже од своите територијални придобивки во Украина.
„Русија сака да ги ислуша предлозите на Трамп за крај на војната. Москва и Вашингтон разменуваат сигнали за Украина преку затворени канали“, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, не прецизирајќи дали мисли на сегашната или на идната американска администрација.