Виктор Орбан неодамна кажа дека ќе отвори неколку шишиња шампањ ако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД.
Унгарскиот конзервативен популист долго време кажува дека тој и растечкиот број негови сојузници ќе се најдат на победничката страна на историјата со агенди кои се противат на имиграцијата и Украина и се посветени на традиционалните христијански семејни вредности. Победата на Трамп сега им дава голем поттик на оние европски држави кои им се спротивставуваат на политиките на Брисел, што вклучува и санкции за Русија.
Во услови кога Франција и Германија се политички ослабнати, конзервативните сојузници на Орбан во централна Европа и Италија добиваат на сила во ЕУ.
„Јасно е дека ова е голем момент за сите налик на Виктор Орбан и Џорџа Мелони. Ние сега немаме никаква контрола врз големите меѓународни прашања“, изјави висок соработник на францускиот претседател Емануел Макрон.
Покрај Орбан, идеолошки блиски на Трамп се и словачкиот премиер Роберт Фицо, австрискиот канцелар Карл Нехамер и италијанската премиерка Џорџа Мелони, иако таа не е проруски настроена. Холандската владејачка коалиција е поддржана од Герт Вилдерс, антиисламистички и антиимиграциски популист, а на оваа екипа би можел да ѝ се придружи и Андриј Бабиш, ако се врати на власт во Чешка следната година.
„Победата на Трамп лично ја зајакна Мелони, зашто таа сега ќе има примарна улога во Европа. Таа е единствениот конзервативец помеѓу основачките членки на ЕУ и големи економии во Европа и нејзиниот пристап е сличен на оној на Трамп“, кажа Андреа ди Џузепе, италијански пратеник од редовите на нејзината партија Браќа на Италија.
Од перспективата на Орбан, изборот на Трамп претставува можност за редефинирање на западот, од коалиција предводена од САД заснована на либерални вредности до полабава организација во која владеат конзервативните вредности.
„Тоа го нагласува неговиот наратив за создавање на еден поинаков запад, каде што Трамп е лидер, а западот го следи“, вели германскиот аналитичар Николај фон Ондерца.