Со едногласна одлука, Советот на Општина Кочани донесе одлука во кочанската депонија во иднина да се складира само сметот од Кочани, а не како и досега и од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Одлуката е донесена врз основа на барањата на кочанските активисти кои 17 дена го блокираа патот кон депонијата кај селото Бели и го спречуваа носењето на отпадот од соседните општини.
По оваа одлука, граѓанските активисти од Кочани сооптија дека ја прекинуваат блокадата пред Бели, но најавиа дека сега нивната функција ја презема Општина Кочани и нејзините јавни претпријатија. Упорните кочански активисти сепак, најавија дека со локалната сампоуправа ќе формираат надзорно тело составено од 11 членови и од советниците и од јавните претпријатија, а седум членови ќе бидат од редовите на нивните активисти кои заеднички ќе ја следат состојбата со депонијата во Кочани и како и од каде се складира отпадот.
Како што образложија од Општина Кочани, оваа одлука ќе важи сè додека не се реализираат државните планови за изградба на регионална депонија која ќе го прифаќа отпадот од сите општини во Источниот Плански Регион.
Општините во Источна Македонија со ова ќе имаат голем проблем, посебно општините кои досега гравитираа кон прифатниот центар во Кочани, затоа што според националниот план и програма, тие ги затворија своите депонии кои беа карактеризирани како диви, па сега се принудени повторно да ги отвораат или да формираат нови на сосема други локации, затоа што нивните градови и села почнаа да се натрупуваат со полни контејнери.
Т. ЈОВАНОВСКИ