ВО ПЕРИОД НА ГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ, ЗА ВЕЛЕС НЕМА РЕЗУЛТАТИ ОД МЕРНАТА СТАНИЦА

    ВО ПЕРИОД НА ГОЛЕМО ЗАГАДУВАЊЕ НА ВОЗДУХОТ, ЗА ВЕЛЕС НЕМА РЕЗУЛТАТИ ОД МЕРНАТА СТАНИЦАЕдинствената мерната станица во Велес не работи од 9 ноември. (Фото: СДК.МК)

    Неколку дена велешани не знаат каков е квалитетот на воздухот што го дишат. Во периодот на голема загаденост на воздухот во другите градови во земјава, нема податоци за Велес. Од 9 ноември, денот на ослободувањето на Велес, мерната станица на Министеството за животна средина не ги покажува вредностите на интернет страницата. Претходно од осум дена од почетокот на месецов, во четири вредностите биле над границата од 50 мг на метар кубен.

    „Од 9 ноември, поради проблем со уредот за преземање на податоци во мониторинг станицата за квалитет на воздух Велес 2, нема можност да се воспостави комуникација со базата за собирање на податоците и поради тоа податоци за измерените концентрации на загадувачките супстанци не се прикажуваат на порталот за квалитет на воздух“, соопшти Министерството.

    Од таму велат дека сервис-инженерите работат на отстранување на проблемот и дополнително ќе информираат за тежината на дефектот и можноста за отстранување.

    И локалната власт и еколошките граѓански здруженија неколку години бараат во Велес уште една мерна станица, бидејќи постојната е единствена и е лоцирана во новиот дел на градот, во дворот од градинка во населбата Тунел. Жителите имаат потреба од мерења на воздухот во стариот дел на градот, каде најголемиот дел од семејствата и домовите се греат на дрво.

    Според истражувањето на Општина Велес од пред седум години, 65 отсто од загадувањето во градот е резултат на домаќинствата, па на сообраќајот, а најмалку е на индустријата. Во време кога работеше Топилницата, во Велес имаше пет мерни станици, дел државни и дел општински.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира