Од нафтените резерви на државата ќе се даде гориво на Град Скопје за да се реши проблемот со јавниот превоз во градот. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница откако Скопје два дена е без јавен превоз бидејќи ЈСП нема гориво и низ цел град возат само 25 автобуси.
„Констатирана е лоша состојба и недостиг на гориво за потребите на јавното сообраќајно претпријатие при што Владата се вклучи во решавање на овој проблем, со тоа што ќе се позајмат на Град Скопје дел од нафтените резерви на државата“, велат од Владата.
Во владиното соопштение се вели дека денеска Бирото за јавни набавки донело одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на Град Скопје.
Од кабинетот на Арсовска испратија соопштение во кое велат дека ја поздравуваат ваквата одлука на Владата.
„Потсетуваме дека Владата сè уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиот стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА