ВЕТЕРОТ СРУШИ МОЛИКА НА ПЕЛИСТЕР СТАРА ПОВЕЌЕ ОД 250 ГОДИНИ

    ВЕТЕРОТ СРУШИ МОЛИКА НА ПЕЛИСТЕР СТАРА ПОВЕЌЕ ОД 250 ГОДИНИСтароста и ветерот го срушија моликовото стебло кое опстојуваше повеќе од 250 години на Пелистер (Фото: СДК.МК)

    Староста и ветерот го срушија моликовото стебло кое опстојуваше повеќе од 250 години на Пелистер. Од ова дрво, познатиот германски ботаничар Август Гризебах во 1839 година ги зел примероците за својот хербариум со кои докажал дека моликата вирее на Пелистер.

    Станува збор за едно  од најразгранетите и најстари моликови стебла над клупите кај Бегова Чешма, за кое пред 15 години експерти од Словенија процениле дека тогаш било старо околу 240 години.  Овој бор како и други стари молики на оваа месност, која е една од најпосетените на Пелистер, беа откорнати или искршени од силниот ветар што во петокот ја зафати Битола и Баба планина.

    Професорот на Шумскиот факултет Јане Ацевски на социјалните мрежи објави фотографии и текст дека е уништена најстарата моликова шума во Македонија.

    Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, кој на оваа позиција дојде пред неколку дена, вели дека покрај ветерот, состојбата со искршените моликови стебла се должи и на тоа што со години наназад не се спроведувала реална ревитализација на моликовата шума поради страв на одговорните лица дека ќе бидат ставени на тапет пред јавноста, а најмногу како што вели тој од нестручни плукачи дека се сечат молики. Објаснува дека за да се развива моликата треба да ѝ се обезбеди простор и допир до светлина што не е можно кога стеблата се пораснати во близина едно друго дрво, а има и друга густа вегетација.

    „Ние на одредени места имаме мртви молики. Причините за тоа се што со години наназад не се размислувало за реална ревитализација на шумата. Боровите имаат коренов систем кој оди по површината на земјата, не продира длабоко под неа. Ако се работи реално на ревитализација, за да се развие еден бор неопходно е да се има дијаметар од повеќе метри околу него да нема други стебла. Ние имаме молики, посебно во средишниот дел на шумата, од 1300 до 1900 метри надморска височина со мртва молика и таа на силен ветер паѓа. Старите борови пораснале еден до друг, немаат крошна, туку имаат зеленило горе каде што допира светлината“, вели Тошевски.

    Тој додава дека  стеблата со црвен трулеж треба да се исечат, и онаму каде има простор да се направат парцели со млади моликови стебла. Додава дека е неопходно да се информира јавноста за оваа тема и неопходните мерки кои според стручните лица треба да се спроведат за соодветно да се заштити моликовата шума и да се зачува за следните генерации.

    Моликата претставува балкански ендем и терциерен реликт. Во Македонија е распространета и на други планини, но на Пелистер се зачувани најкомпактните моликови шуми. Тие се протегаат на 1.174 хектари.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира