УЧЕНИЦИ ОД ЧЕТИРИ БИТОЛСКИ СЕЛА ТРИ МЕСЕЦИ СЕ БЕЗ БЕСПЛАТЕН УЧИЛИШЕН ПРЕВОЗ, ИАКО ЗАКОНСКИ ИМ СЛЕДУВА

    УЧЕНИЦИ ОД ЧЕТИРИ БИТОЛСКИ СЕЛА ТРИ МЕСЕЦИ СЕ БЕЗ БЕСПЛАТЕН УЧИЛИШЕН ПРЕВОЗ, ИАКО ЗАКОНСКИ ИМ СЛЕДУВАУченици од битолските погранични села Меџитлија, Кременица, Егри и Жабени од почетокот на учебната година досега беа оставени без бесплатен превоз до училиште. (Фото: СДК.МК)

    Деветнаесет ученици од четири битолски погранични села, Меџитлија, Кременица, Егри и Жабени, од почетокот на учебната година досега беа оставени без бесплатен превоз до училиште, иако законски им следува на сите кои живеат на минимум два километра од школото.

    Во изминативе три месеци учениците се снаоѓале како знаеле да стигнат на настава, а најчесто до училиште и назад ги возеле родителите. Не постои законска можност училиштата или Општината да им ги вратат парите на родителите потрошени за гориво.

    Денеска вонредна седница одржа општинскиот Совет на Битола, за да се дополни планот за работа на Меѓуопштинското јавно претпријатие „Пелалинк“ со уште една линија на релација Кременица-Битола со цел овие 19 ученици барем од први декември да добијат беплатен автобуски превоз.

    Дел од советниците парашаа зошто седница не се одржала порано туку се чекало цели три месеци, па наместо на почетокот, автобусот за на школо ќе им стигне на крајот на полугодието.

    „Зошто сега ги правиме измените, на крајот од полугодието, а пишува за тековната година? За тие три месеци што се снаоѓале учениците и родителите кој ќе им го исплати трошокот?  Бесплатниот превоз на учениците е законска обврска, а не солидарност“, рече Борче Корлевски, советник од СДСМ.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска, кажа дека ова што се случува е срамота.

    „Ако немаат превоз од септември зошто немаше измена на планот во септември? Деветнаесет деца три месеци немаат превоз, а ние денес држиме вонредна седница зашто некој денес сфатил дека се без превоз. Зошто се чекаше три месеци за ова да стигне до Советот?“, праша Илиевска.

    Директорката на „Пелалинк“ Јагода Неделкова рече дека во планот за работа за 2024 не беше влезена оваа линија и дека слабо стојат со возачи.  Додаде дека сега ќе ангажираат еден преку агенција за учениците да добијат автобуски превоз уште од први декември.

    Од Општина Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека приватниот превозник кој ја возел линијата до Кременица ја откажал зашто не се исплатело, па тие во два наврата организирале тендерска постапка за избор на нов превозник. Но, добивале високи цени и поради тоа не склучиле договор со ниедна од фирмите. За да се реши проблемот побарале линијата да ја преземе Меѓуопштинското јавно претпријатие „Пелалинк“.

    не можат да им се повратат парите кои ги платиле родителите за да ги возат децата до школо и назад,  зашто законски е дозволено само ако достават фискална сметка од билет за автобус со кој се возеле до школо, а до селата нема линиски автобуски превоз.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира