Премиерот Христијан Мицкоски вели дека вчерашното палење на македонското знаме е од мала група која сака да предизвика етнички тензии за да ги скрие криминалите кои ги правела во минатото. Македонското знаме беше палено, кинето и газено на синоќешната прослава на Денот на албанското знаме во Скопје. Центарот на градот беше блокиран од прославата, а се слушаше и пукање.
Мицкоски кажа дека Владата предупредувала оти ќе има ваков тип тензии и обиди за ескалација на случувањата во земјата.
„Ова нема да биде изолиран случај, ќе има вакви обиди и во иднина. Како правдата ќе затропа до криминалците, тие ќе стануваат понервозни и единствен начин да го одбранат криминалот ќе биде ваков, со креирање на етнички тензии. Апелирам до македонските граѓани на трезвеност, да не дозволиме овие инциденти да предизвикаат негативни чувства, оти ова е мала изолирана група која ги штити своите криминали. Сакам да ги предупредам дека нема да има милост кон никого, секој оној кој го крши законот и Уставот ќе одговара“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на градежните работи за реконструкција на спортската сала „Расадник“ во скопска Кисела Вода.
Премиерот кажа дека за овој случај ги информирал стратешките партнери на земјава и припадниците на меѓународната заедница.
А. АНТЕВСКА