Општина Штип подготвува новогодишно и божиќно украсување и според најавите, градот ќе светне на 7 декември, до кога се очекува комплетно да биде новогодишно уреден. Се предвидува целокупното централно градско подрачје, како и кејот на реката Отиња во должина од два километра да бидат комплетно новогодишно осветлени и украсени.
Според градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов, во план е новогодишните и божиќните празници да бидат во вистинска смисла на зборот како бајка, невидена досега. Речиси цел декември во Штип ќе има посебна новогодишна програма.
„Новото шеталиште ќе биде претворено во новогодишен базар со новогодишни реквизити и куќарки, ќе има аниматори и посебна забавна програма секој ден, посебно пред Нова година и за време на новогодишната ноќ. За програмата и уредувањето ќе бидат потрошени 3 милиони денари затоа што оваа година се одлучивме со надворешен оператор да биде поставена нова и современа новогодишна опрема на поголем број локации во градот, за разлика од досега, кога градот го украсувавме со стара опрема која веќе е дотраена и оштетена“, вели Јорданов.
Според првиот човек на градот, за овој износ ќе бидат опфатени повеќе улици, плоштадот и парковниот простор пред трите училишта во центарот на Штип, а на кејот на Отиња ќе биде поставена светлосна новогодишна сигнализација од двете страни.
Јорданов вели дека не се заборавени ниту влезовите во Штип од сите патни правци, кои исто така ќе бидат новогодишно украсени, ќе има елки на неколку места, а се предвидува и помпезно пристигнување на Дедо Мраз, кој ќе дели пакетчиња на најмладите.
Т. ЈОВАНОВСКИ