ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА ДА ПОСТАВУВА НОВОГОДИШНИ КУЌАРКИ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, АРСОВСКА ПАК НЕ КАЖУВА КОЈ ЌЕ УКРАСУВА И КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ

    ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНА ДА ПОСТАВУВА НОВОГОДИШНИ КУЌАРКИ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, АРСОВСКА ПАК НЕ КАЖУВА КОЈ ЌЕ УКРАСУВА И КОЛКУ ЌЕ ЧИНИМинатата година Арсовска го накити градот без тендер и никогаш не кажа кој украсуваше. (Фото: К. Попов)

    Од утрово, на Плоштадот Македонија во Скопје почна поставувањето новогодишни куќарки. Екипи од приватна фирма со камиони ги носеа и ги поставуваат куќарките на Плоштадот. Тие се поставени на плочникот околу пропадната фонтана, која е заградена со пластични столпчиња и црвени ленти.

    Кој ќе го украсува градот и колку ќе чини украсувањето, од Град Скопје не кажуваат. САКАМДАКАЖАМ.МК  утрово испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, но одговори до објавување на текстот не добивме.

    На веб-страната на Бирото за јавни набавки нема објавено тендер за новогодишно украсување, туку само за набавка на новогодишни пакетчиња. На веб-страната на Град Скопје има објавено јавен повик за огранизирање новогодишен базар, кој не го вклучува новогодишното украсување. Повикот за новогодишиот базер кој треба да предвиди забавна новогодишна програма е отворен до 6 декември.

    Минатата година, Арсовска го накити градот без тендер и никогаш не кажа кој украсуваше. Рече само дека се потрошени 30.000 евра, но не даваше одговор на кого се исплатени парите и врз основа на каков договор.

    За овој случај во Град Скопје влезе Финансиската полицијата и оформи предмет.

    „Во тек се проверки за утврдување на фактичката состојба, како и прибирање на потребниот доказен материјал, но поради тајност на предистражната постапка согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, не сме во можност за истите подетално да ве информираме“, ни изјавија од Финансиската полиција на 2 октомври.

    Откако лани Финансиската полиција влезе во Градот да врши проверки, градоначалничката Арсовска на официјалниот фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира