Македонската радио телевизија (МРТВ) во копродукција со некоја од регионалниите ТВ-куќи ќе снима игран филм, ТВ-серија и документарен филм за починатата поп ѕвезда Тоше Проески, проект кој македонската Влада ќе го поддржи со 95 милиони денари (околу 1,5 милиони евра), објавија министите за култура Зоран Љутков и за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
„Идејата потекна од МРТВ и копродукции од Македонија и Балканот, но секако инспирацијата, иницијативата, главно ја предводеше претседателот на Владата Христијан Мицкоски, и во координација со Министерството за култура и со Министерството за финансии, во експресно брза постапка се обезбедија средства“, рече Андоновски во гостување на МТВ.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска на 26 години.
Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски ни изјави дека во мај годинава, МРТВ отворила Јавен повик за набавка на програма како тековен дел од својата работа, но сѐ уште никој не се пријавил за овој проект.
„МРТВ ќе биде носител на проектот кој е сѐ уште во рана фаза. Ние имавме разговор со колегите од Радио телевизија Србија и Хрватската радио-телевизија, и можно е некој од нив да биде копродуцент. За нас, засега е најзначајно проектот да го продуцира оној кој ќе добие дозвола од семејството Проески“, ни рече Цветкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков на Фејсбук најави дека во следните две години, ќе се снимаат игран филм, документарец и ТВ-серија во неколку продолженија, кои ќе ги прослават животот, делото и мисија на Тоше.
„Согласноста од семејството на Тоше е потврдена, и ние сме подготвени да ја разоткриеме неговата приказна“, рече Љутков.
Славен Ристески, зетот на Тоше Проески ни рече дека семејството Проески дало одобрување за снимање на филмовите и серијата, но рече дека е уште рано да каже со кои продуценти и автори преговарале.
М. ЏАРОВСКА