Вработените во ЈП „Улици и патишта“ утрово излегоа на протест пред бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска оти уште немаат земено плата за ноември. Тие бараат да им биде исплатен и К-15.
Велат дека претпријатието е во очајна состојба, се доцни со исплатата на плата, сметката е блокираноа поради долгови кон добавувачи, нема ризла и нафта за работа, а дел од машините се расипани оти не се сервисираат редовно.
Протестот е организиран од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
Од ЈП „Улици и патишта“ соопштија дека протестот е политички мотивиран од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски и дека вработените имаат земено плата.
„Мицкоски пред да продолжи да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје, би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП ‘Улици и патишта‘ имаат земено плата па од таму нејасно е зошто синдикатот протестира. Истовремено Мицкоски треба да ги информира дека за линеарно зголемување плата и К15, што се барања на синдикатот одлука носи Управниот одбор на претпријатието чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ.Воедно само на претседателот на синдикатот КСОМ Марјан Ристески, му е нејасно зошто е пред бараките на град Скопје, кога одлуките кои ги бара ги носат членовите на Управниот одбор избрани од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од „Улици и патишта“.
Во мандатот на Арсовска ова е второ претпријатие чии вработени излегоа на протест поради доцнење на платите. Лани во октомври Скопје остана без јавен превоз оти возачите во ЈСП престанаа да возат поради доцнење на платата.
А. АНТЕВСКА