Црна Гора одобри екстрадиција во САД на јужнокорејскиот магнат познат како „крал на криптовалутите“, соопшти црногорското Министерство за правда. Министерот Бојан Божовиќ издаде указ со кој се дозволува предавање на До Квон, основачот на сингапурската крипто фирма „Тераформ лабс“, кој лани беше уапсен во Црна Гора, соопшти Министерството. Не е јасно кога точно Квон ќе биде испратен во САД.
Ова следи по повеќемесечната правна сага во случајот на До Квон. И Јужна Кореја и САД побараа екстрадиција на До Квон, а различни судови во Црна Гора во изминатите месеци донесоа и поништија повеќе пресуди за екстрадиција на Квон или во САД или во Јужна Кореја. Во соопштението на Министерството за правда се наведува последната пресуда на црногорскиот Врховен суд во која се вели дека се исполнети условите Квон да биде екстрадиран во една од двете земји и дека конечната одлука е на министерот за правда.
Министерството вчера соопшти дека повеќе правни критериуми се во корист на екстрадиција во САД. Адвокатите на Квон во Црна Гора рекоа дека дознале за одлуката од медиумите и дека нивниот клиент не може да биде екстрадиран додека не ја добијат пресудата.
„Зад ваквото незаконско однесување на министерот стои фактот што судовите во два наврати … донесоа одлука за екстрадиција на До Квон во Јужна Кореја“, се вели во изјавата на адвокатите Горан Родиќ и Марија Радуловиќ.
Квон беше обвинет во САД за измама од федералните обвинители во Њујорк во врска со падот на криптовалутата на „Тераформ лабс“ во вредност од 40 милијарди долари, што ги уништи малопродажните инвеститори ширум светот. Тој и уште еден Јужнокореец беа уапсени во Црна Гора додека се обидуваа да заминат за Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, користејќи лажни костарикански пасоши. Квон одлежа затворска казна во Црна Гора поради користење лажен пасош.