Неколку охриѓани вчера се капеа на плажите близу Охрид, без оглед на тоа што температурата на езерото беше 4 степени Целзиусови, а надвор максимум до 9 степени.
„Се капеме во езеро секоја година на 1 јануари за бериќет. Тоа ни е традиција“, вели еден охриѓанец кој пливаше на плажата Горица 3.
Охрид е преполн околу Нова година, а тоа најмногу се гледа во чаршијата и на шеталиштето на кејот. На 1 јануари околу пладне, не можеше да се најде ниту една слободна маса во кафулињата во чаршијата, на терасите беше полно како среде лето. За да се порача пијалок се чекаше и до 30 минути.
Најбројни се туристите од Бугарија, Србија и Турција. Тридневен хотелски новогодишен аранжман чини од 150 до 300 евра по лице. Градот е украсен и осветлен со реквизити од минатите години, но беа одвоени и дополнителни 1.400.000 денари (околу 23.000 евра) за набавка на нови.
Општина Охрид на 31 декември организираше дочек на Нова година на градскиот Плоштад „Свети Климент Охридски“ со поп-ѕвездата Каролина Гочева. Настапи и македонската фолк-ѕвезда Наум Петрески, трап пејачот Пајак и охридската група „Тејк фајв“, диџеј Гец и диџеј Фејс. На 1 јануари имаше дневна забава со „Сара Мејс и девојките“ и групата „Балканикос бенд“.
М. ЏАРОВСКА