Нема да се дислоцира aвтобуската станица во Штип, која е во непосредна близина на Градскиот стадион, туку само ќе се намали бројот на перони заради изградбата на маркет на германската компанија „Лидл“. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов вели дека е најдено соодветно комбинирано решение да има маркет на тоа место, a aвтобуската станица да не ја менува својата локација.
„Според плановите и досегашните разговори, договорено е на местото на aвтобуската станица во Штип да се изгради маркет на ‘Лидл‘. Автобуската станица, која е во приватна сопственост и во последните години бележи намалена фрекфенција на автобуски сообраќај, договорено е да го намали бројот на пероните од десет на пет, а на останатото место да се гради маркетот“ вели Јорданов.
Општината веќе почна да го уредува постојниот паркинг простор пред aвтобуската станица и очекува компанијата инвеститор да ги собере сите неопходни документи од надлежните министерства, врз основа на кои Општина Штип ќе може да го издаде решението за градба на маркетот на површина од 5.000 квадратни метри.
„Ако евентуално инвеститорот се предомисли за оваа локација, тогаш Општината раскопаниот простор пред aвтобуската станица ќе го уреди во паркиралиште“, вели Јорданов.
Т. ЈОВАНОВСКИ