Главниот лекар на САД Вивек Мурти побара да се стави предупредување на алкохолните пијалаци налик на ознаките на цигарите откако последно истражување откри врска помеѓу пиењето и седум типови рак. Главниот лекар на САД има надзор над американската Служба за јавно здравје и е именуван од американскиот претседател.
Мурти кажа дека мнозинството Американци се несвесни за овој ризик кој води до 100.000 случаи на рак и 20.000 смртни случаи во САД годишно. За ова е потребно Конгресот да ги промени постојните ознаки за предупредување, кои не се ажурирани од 1988 година.
Мурти, исто така, повика на преоценување на препорачаните ограничувања за консумирање алкохол и зајакнување на образовните напори во врска со алкохолните пијалаци и ракот.
„Алкохолот е третата најчеста причина за рак што може да се спречи, по цигарите и дебелината. Директната врска помеѓу алкохолот и ризикот од рак е востановена за најмалку седум типови рак, без разлика каков алкохол се пие. Тоа вклучува рак на грлото, црниот дроб, хранопроводникот, устата, гркланот и на дебелото црево“, кажа Мурти.
На етикетите за предупредување моментално мора да се наведе дека жените кои се бремени не треба да пијат алкохол поради ризик од вродени дефекти. Исто така мора да се наведе дека „консумацијата на алкохолни пијалаци ја нарушува вашата способност да возите автомобил или да ракувате со машини и може да предизвика здравствени проблеми“.