Новак Ѓоковиќ призна дека и натаму се стресува кога слетува на аеродромот во Мелбурн, од каде што беше депортиран пред три години по големата драма што ја следеше целиот свет. На српскиот тенисер му беше поништена визата и не му беше дозволено да игра на Отвореното првенство на Австралија во 2022 зашто не беше вакциниран против ковид-19.
„Мора да бидам искрен. Имав трауми кога последните неколку пати слетав во Австралија и минував низ пасошката контрола. Некои траги остануваат таму и цело време проверувам да не доаѓа некој од имиграциската зона. Ми го прегледуваат пасошот и си мислам дали ќе ме приведат пак или ќе ме пуштат. Мора да признам дека го имам тоа чувство“, кажа Ѓоковиќ.
Тој се врати во Мелбурн парк во 2023, кога најлошото од пандемијата беше поминато и ја освои 10. гренд слем титула во Австралија.
„Не сум огорчен, не ме држи лутина. Дојдов следната година и победив. Моите родители и целиот тим беа таму и тоа беше една од најемотивните победи во животот, со оглед на она што го поминав претходната година“, кажа 37-годишниот Ѓоковиќ.
Тој моментално е седми на АТП-листата и во Австралија ќе се обиде да ја освои 100. титула и 25. гренд слем трофеј во кариерата.