АРТАН ГРУБИ ДОБИ ОТКАЗ ОД РАБОТНОТО МЕСТО ПРОФЕСОР НА ДРЖАВНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО

    АРТАН ГРУБИ ДОБИ ОТКАЗ ОД РАБОТНОТО МЕСТО ПРОФЕСОР НА ДРЖАВНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВОАртан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами осомниени за проневера, од 17 декември се во делот Потраги на сајтот на МВР. (Фото: МВР)

    Од Државниот Универзитет во Тетово (ДУТ) по е-пошта му пратиле известување дека му е прекинат работниот однос на поранешниот прв вицепремиер и универзитетски професор Артан Груби, кој е во бегство и МВР го бара со меѓународна потерница. Тој во текот на неколку дена во декември 2024 не се јавил на работа, поради што биле покрената постапка за отказ која била завршена кон крајот на годината. Груби на Универзитетот во Тетово бил предавач на отсекот за новинарство.

    „Завршена е постапката со отказ на споменатото лице уште пред оваа година. Значи веќе не е во работен однос во Тетовскиот Универзитет. Отказот му е пратен по пошта и електронски на службениот и-меил“, изјави за МИА Сафет Емурлаи, декан на Правниот факултет при ДУТ.

    Груби на ДУТ се вработил во 2012, паузирал додека извршувал јавна функција, а по завршувањето на јавната функција во август лани повторно се вратил како предавач на Универзитетот.

    Артан Груби, заедно со судијата Енвер Беџети, лани на 9 декември беа ставени на црната листа на американскиот Стејт департмент со образложение дека се вмешани во корупција. Откако Груби и ексдиректорот на Државна лотарија Перпарим Бајрами беа осомничени за кривичното дело Проневера во „Државна лотарија“ тој ја напушти државата заминувајќи во Косово. Според неговата фејсбук објава на 15 декември, тој рече дека таму е во приватна посета и ќе се врати. Од тогаш сè уште не е познато каде моментално се наоѓа и е недостапен на македонските државни органи.

    Министерството за внатрешни работи на 17 декември распиша меѓународни потерници по Груби и Бајрам откако Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба до МВР за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница за обајцата,а Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор од 30 дена на двајцата осомничени.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира