„Некст тајм“ е најплатениот музички бенд на празничната манифестацијата „Зимска приказна“ што се одржа за време на Новогодишните празници во Битола. Општината која е организатор на манифестацијата, јавно го објави списокот на хонорари на уметниците што беа ангажирани за забава на битолчани и на гостите. Етно поп-дуото од Скопје за двочасовен настап на 28 декември 2024 година од општинската каса ќе добие хонорар од 341.663 денари или нешто над 5.500 евра.
Групата „Фонтана“ и Зуица Лазова, за настапот на новогодишната ноќ ќе заработат 266.664 денари или 3.500 евра.
Хонорарите на групата „Ареа“ и Вера Милошевска-Јосифовска со „Љубојна“ се нешто над 2.700 евра.
Андријана Јаневска и Сузана Спасовска за настап на 31 декември при пречекот на Нова година заработија по 116.665 денари, или нешто помалку од 2.000 евра.
За новогодишната ноќ пред Офицерскиот дом покрај Зуица Лазова, Андријана Јаневска и Сузана Спасовска, настапија и Димитар Андоновски и дувачкиот оркестар „Блезери“.
„Зимската приказна“ која траеше 18 дена, од 24 декември 2024 година до 6 јануари 2025 година ја чини Општина Битола околу 100.000 евра. Дел од средствата ќе се исплатат од општинскиот буџет, а дел ќе ги исплати Културно-информативниот центар КИЦ – Битола.
Од спонзорства се собрале околу 42.000 евра, а од изнајмување на 11 куќички за продажба на храна, пијачки и подароци Општината заработи околу 15.000 евра.
Од Општината соопштија дека биле изведени над 150 настани од над 3.000 изведувачи и со над 400 часа активна програма на повеќе локации низ градот, Офицерскиот дом, Старата чаршија, Плоштадот Магнолија каде што имаше лизгалиште, Пацио на Завод и Музеј и националниот парк Пелистер. Имало 50.000 гости, дојдени и од соседна Грција. Според податоците од СВР Битола, на граничниот премин Меџитлија на влез во државата на 31 декември биле регистрирани 1.519 лица, што е зголемување од 30 проценти во однос на претходната година, а на 1 јануари од Грција влегле 1.341 лица.
Според Општина Битола, само новогодишната програма за највеселата ноќ што траеше од 20 часот до еден по полноќ чини околу 10.000 евра. Во објавената листа со изведувачи го нема Дувачкиот оркестар „Блезери“ по тој назив, кој настапи истата вечер.
Од театарските претстави кои беа дел од „Зимската приказна“, најскапо е платена „Снежената кралица“ на Народниот театар од Битола, а во режија на Јулијана Мирчевска.
Градоначалникот Тони Коњановски рече дека „градот го покажа својот вистински потенцијал како културен епицентар и туристичка дестинација, која не само што го слави празничниот дух, туку директно ја поддржува локалната економија и туризмот“ и се пофали со транспарентност и отчетност, презентирајќи ги бројките и резултатите од оваа манифестација.
Другите Општини во државата уште не ги објавиле трошоците за организирање на новогодишните и божиќни манифестации.
Лани, според анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Општините потрошиле околу милион евра на пејачи и на други забавувачи, а во 2023 за оваа намена се потрошени 1,11 милиони евра. Според анализата, хрватската поп-ѕвезда Северина Вучковиќ беше најплатена пејачка од македонските Oпштини, со 25 илјади евра за настапот во Крива Паланка на манифестацијата „Град на културата“ во август 2024. Од македонските пејачи, најголем хонорар добила Бојана Скендеровски, на која од Општина Неготино ѝ платиле 13.000 евра. Иако најскапо платена од регионалните пејачи е Северина, сепак во 2024 најмногу вкупно пари добила нејзината хрватска колешка Јелена Розга, 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ