Хрватската поп-ѕвезда Северина Вучковиќ е најплатена пејачка од македонските Oпштини, со 25 илјади евра за настапот во Крива Паланка на манифестацијата „Град на културата“ во август годинава. Од македонските пејачи, најголем хонорар добила Бојана Скендеровски, на која од Општина Неготино ѝ платиле 13.000 евра. Иако најскапо платена од регионалните пејачи е Северина, сепак во 2024 најмногу вкупно пари добила нејзината хрватска колешка Јелена Розга, 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип.
Од јануари до октомври годинава, општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). До крајот на 2024, се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра. Лани, за оваа намена се потрошени 1,11 милиони евра.

Бојана Скендеровски, која ја преработи „Заветна“ од Пепи Бафтировски, за настапот во Неготино земала 13.000 евра. (Фото: Фејсбук)
По Бојана Скендеровски која е најплатената домашна пејачка годинава, втора на листата е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата“ добила 11.110 евра. Трет на оваа листа е Кирил Џајковски, кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на „Фолк-фест Валандово“.
Лани, најскапо бил платен српскиот пејач Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил речиси 26 илјади евра, а на второ место е Даниела Мартиновиќ која од истата Општина добила 14 илјади евра, дури 10 илјади помалку од нејзиниот колега Ковачевиќ. Речиси колку Даниела Мартиновиќ добил и Жељко Самарџиќ од Општина Берово, а домашната група „Меморија“ добила 12 илјади од Општина Велес.
Речиси 9 илјади евра, од Општина Гостивар добило културно-уметничкото друштво „Јахи Хасани“, а Општина Штип му платила неполни 8 илјади евра на „Амадеус бенд“ од Србија.
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес. Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки, велат од ЦГК.
Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставиле податоци. Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на празници или нешто што е специфично за таа Општина (храна, пијалак, традиција) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што Општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Најмногу пари за оваа намена трошат Општините Кавадарци и Струмица, како и Скопје. Само првите десет Општини што трошат најмногу пари за оваа намена, трошат околу 80 % од парите што ги потрошиле сите Општини заедно.
Во 2024 година (до октомври), повторно најскапи се кавадаречките манифестации, повеќе од 200 илјади евра. Следна најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Гет ЕXИТед“ кој чини повеќе од 65 илјади евра. Кисела Вода плаќа за двете манифестации Културно лето и одбележувањето на роденденот на Општината повеќе од 64 илјади евра. Следен е повторно струмички фестивал, Струмица опен, а потоа ревијалната вечер на валандовскиот Фолк фест.

Јелена Розга е исплатена 22 илјади евра од Општина Берово, а 20 илјади евра од Пробиштип. (Фото: В. Тануровски)
Ако Северина добила 25 илјади евра од Крива Паланка, Јелена Розга е исплатена 22 илјади евра од Општина Берово, а 20 илјади евра од Пробиштип. Следи Хари Мата Хари кој од Неготино добил 19,5 илјади евра, а веднаш зад него е пејачот Саша Ковачевиќ кому Велес му исплатил 17 илјади евра.
По 13 илјади добиле домашната пејачка Бојана Скендеровски од Општина Неготино, групата С.А.Р.С. од Општина Велес, и хрватскиот кантавтор Петар Грашо од Општина Градско. 11 илјади евра добила поп-ѕвездата Каролина Гочева од Општина Крива Паланка.
Годинава до октомври, најмногу пари потрошила Општина Кавадарци, вкупно 202.098 евра за неколку манифестации: Св. Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер и Нова година. Следи струмичкиот фестивал Гет ЕXИТед со 65.041, па Културно лето и роденден на општината Кисела Вода со 64.228. Следен е Струмица опен фестивал со потрошени 43.902, па ревијалната вечер на Фолк фест Валандово со 41.559, па Етно плоштад фестивал во Берово со 35.771. По 32.520 евра потрошиле Гевгелија за Фестивалот на храна и пијолаци и Неготино за Неготинска вечер. Велес за Фестивалот на пита и вино потрошил 30.000 евра.
Во 2023, најмногу пари за забавни манифестации потрошила Струмица, вкупно 189.268. Следат Кавадарци со 156.098 евра, Скопје со 111.382, Штип со 85.977, Велес со 48.567, скопската општина Кисела Вода со 47.967, Куманово со 45.528, Беровосо 30.720, Битола со 30.479, Карпош со 23.138, па Гостивар со 20.000 евра.
Состојбата е слична и во 2024, за која недостигаат сите податоци и ќе бидат достапни откако годината ќе заврши. Иако податоците се до октомври 2024 година, сепак извесно е дека најмногу пари ќе потроши Кавадарци, единствено преку 200 илјади евра. Струмица годинава е на второто место, со потрошени 124 илјади евра. Кисела Вода „засилила“ на трошењето со скоро 65 илјади евра, а буџетското ќесе го одврзала и Крива Паланка, која потрошила 55 илјади евра. Малите општини, Валандово и Гевгелија се следни со по околу 44 илјади евра секоја. Околу 40 илјади евра трошат Битола и Берово, па следат Неготино и Велес со по околу 34 илјади евра.
Кога станува збор за поединечните манифестации или пејачи, не сите Општини кажуваат колку пари, поединечно, ги чини некоја манифестација, или музичар. Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите пејачи и групи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите.
Таков е примерот со Општина Кавадарци која троши најголема вкупна сума за забавни манифестации, но не објавува колку пари поединечно ја чини секоја од четирите манифестации, колку што ги организира годишно или, пак, колку пари исплатила на некој поединечно.
Од оние Општини кои ги обелоденуваат поединечните трошоци, произлегува дека најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал Гет ЕXИТед кој чини повеќе од 138 илјади евра. Потоа е штипската Пастрмајлијада со речиси 60 илјади евра. Кисела Вода платила за двете манифестации заедно Културно лето и одбележувањето на роденденот на општината околу 48 илјади евра. Следен е повторно еден струмички фестивал Струмица опен, а потоа велешкиот фестивал посветен на нивната пита.
Најскапи манифестации во 2023 година се: Св. Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер и Нова година во Кавадарци за кои вкупно се потрошени 156.098 евра. Следат: Гет ЕXИТед во Струмица со 138.211, Пастрмајлијада во Штип со 59.284, Културно лето и роденден на општината Кисела Вода со 47.967, Бела ноќ на Град Скопје која чинела 44.715, па Струмица опен фестивал со 43.902, Фестивал на пита и вино во Велес со 43.41, Етно плоштад фестивалот во Берово за кој се потрошени 27.431 евра, и Карпошовото културно лето во Скопје со 23.138.
Општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки. Набавките на т.н. посебни услуги, во кои спаѓаат ваквите манифестации, се исклучени од Законот за јавни набавки ако нивната вредност е до 10.000 евра. Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува т.н. поедноставено известување за склучен договор.
Ако вредноста на овие услуги е поголема од 10.000 евра, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или, пак, да се објави претходно информативно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес.
Сепак, има општини коишто на ваков начин избираат само фирма која ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации. Потоа, и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен музичар.
Некои општини, пак, делегираат надлежност на фирми, најчесто маркетинг агенции, за организирање на ваквите настани. И во овие случаи не се обелоденуваат информации за поединечното чинење на секоја манифестација, ниту за исплатените суми на поединечните изведувачи.
Од 81 единица на локалната самоуправа, само 50 општини имаат вакви трошоци, додека 29 одговорија дека немаат. Две општини, Ѓорче Петров и Тетово не доставија информации, ниту по доставените барања, ниту по решенијата од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека Охрид тоа го стори само за трошоците во 2024, но не и за 2023 година.

Каролина Гочева од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата „Крива паланка – Град на културата“ добила 11.110 евра. (Фото: К. Попов)
Од податоците на општините коишто не кажуваат колку пари ги исплатиле поединечните настапувачи, туку само вкупната сума што ја исплатиле на фирмата организатор, произлегува дека најмногу пари добиле неколку домашни фирми.
Прва годинава е “Иноватива груп’, која за организација на четирите забавни манифестации во текот на годината, од Општина Кавадарци добила 202.098 евра. Втора е “Спектаклум ДООЕЛ’ која за организација на забавни манифестации во две општини, Кисела Вода и Вевчани, годинава добила 84.715 евра. Следна е „Скендеровски продукција“ која за организација на 4 манифестации во Битола, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе добила од општините вкупно 35.203 евра.