АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ШУТО ОРИЗАРИ НАПРАВИЛ ПРИВАТНА ДЕПОНИЈА И ДОБИ 7 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

    АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ШУТО ОРИЗАРИ НАПРАВИЛ ПРИВАТНА ДЕПОНИЈА И ДОБИ 7 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНАСпоред Арсовска, отпадот кој го собирал Дудуш спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија „Дрисла“ тој со него си направил приватна депонија. (Фото: Град Скопје)

    Градот Скопје од синоќа почна вонредна акција за чистење и дезинфекција на Општина Шуто Оризари заради спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите, а градоначалникот Курто Дудуш доби 7 кривични пријави, соопшти градоначалничката Данела Арсовска.

    Инспекторите на градот Скопје вчера со асистенција на Интервентна полиција, констатирале дека Дудуш поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќа за чистење на отпад на парагон блокче.

    „Потоа, иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот односно приватна парцела во негова лична сопственост со која си склучил договор и ја дал под закуп на Oпштината. Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија ‘Дрисла’ тој со истиот си направил приватна депонија. За ова веќе се утврдени соодветни противзаконски дела, составени се записници и поднесена е пријава со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, со што Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните на градот Скопје“, стои во соопштението од Град Скопје.

    Оттаму апелираат до надлежните органи итно да ги преземат сите соодветни мерки за санкционирање на Дудуш, а градот Скопје „стои на располагање за дополнителни појаснувања и достава на сите докази со кои располага за утврдениот екоцид во режија на Дудуш“.

    „На овие кривични пријави им претходи кривична пријава за дива депонија на територија на Oпштина Шуто Оризари, која Курто Дудуш ја прави на лично свое приватно земјиште за што сам со себе во име на општината си склучил договор, а за што е фатен и за истото е изречена глоба и веќе е покрената пријава за соодветна одговорност. До овој момент, против градоначалникот на Oпштина Шуто Оризари Курто Дудуш поднесени се повеќе од 40 кривични пријави од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на Град Скопје.
    Според Арсовска, „Комунална хигиена Скопје“ редовно ги завршува своите активности во Општина Шуто Оризари.
    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира