Времето денеска ќе биде облачно и студено, насекаде со врнежи од снег. Наместа, особено во западните делови од земјата, тие ќе бидат обилни, локално над 40 литри на квадратен метар. На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините значително ќе се зголеми, локално и над 50 сантиметри, вели Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Позначителна снежна покривка од над 20 сантиметри ќе се формира и во југозападните делови на земјава. Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси.
Во Скопје од ноќеска врне снег, врнежите ќе продолжат и во текот на денот, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Повремен снег ќе има и утре. Во следните денови до петок ќе преовладува променливо облачно и студено време, со услови за повремено провејување на слаб снег. Најниските температури во текот на ноќта ќе бидат под нулата, в среда се очекува и до минус 10 степени, а дневните ќе се движат од минус 4 до плус 6 степени.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од кашест снег, соопшти АМСМ. Екипите на ЈП „Македонија пат“ се активно ангажирани на терен.
Oд 08.50 часот поради заледеност на коловозот на автопатот „Пријателство“ кај село Миравци, тешките товарни возила ќе се пренасочуваат преку стариот пат Удово-Демир Капија.
Активни забрани за движење на тешки товарни возила на следните патни правци: Крива Паланка-граничен премин Деве Баир; Гостивар-Маврово-Дебар; Гостивар-Стража-Кичево; Пресека; Плетвар.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира на внимателно возење со прилагодена брзина и строго почитување на сообраќајната сигнализација. Особено внимание се препорачува на делниците низ котлини, речни долини и клисури поради можноста од одрони, како што се: Катланово-Велес; Маврово-Дебар-Струга; Виница-Берово; Кочани-Делчево.