Битолчани кои живеат во посвисоките делови на градот, посебно во населбата Баир, велат дека им се потребни хеликоптери или жичници за да излезат од дома откако од вечера во Битола без престан врне снег и прекривката стигна околу 35 сантиметри.
„Ние сме во отпишаните. Или на санки да се качиме и со санкање да слеземе во градот или, пак, да ни пратат жичница. Со години живеам на Баирот, а не паметам машина да поминала да ги исчити уличките. Ќе чекаме снегот да се стопи“, велат жители од населбата Баир.
Други битолчани се жалат дека троарите се исчистени само во центарот на градот, а низ останатите населби не, па пешаците заедно со колите се движат на коловозот.
Од Општина Битола соопштија дека се исчистени улиците од прв, втор и трет приоритет, но во населбите Баир има улици каде механизацијата не можела да влезе од паркирани возила. Апелираат да се повлечат возилата, па кога механизацијата ќе чисти да може да пристапи и таму. Слична ситуација велат дека има на дел од паркинзите во градот, каде не може да се исчисти од паркирани возила. Додаваат дека механизацијата цело време е на терен, но поради континуираните врнежи повторно се создава снежна покривка.
Ваква зима во Битола немало повеќе години. Движењето по улиците е отежнато зашто дел од возачите иако има снег на коловозите се излезени со возила со летни гуми. Вчерва ќе има посебно метеж во сообраќајот, зашто битолчани го слават празникот Василица вртејќи мазник со паре, па па скоро и да нема кафеана во градот каде не се резервирани масите за прославата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА