НЕТАНЈАХУ ПОТВРДИ ДЕКА ИЗРАЕЛСКАТА ВЛАДА ЌЕ ГО ОДОБРИ ДОГОВОРОТ ЗА ПРИМИРЈЕ ВО ГАЗА

    НЕТАНЈАХУ ПОТВРДИ ДЕКА ИЗРАЕЛСКАТА ВЛАДА ЌЕ ГО ОДОБРИ ДОГОВОРОТ ЗА ПРИМИРЈЕ ВО ГАЗАИзраел кажа дека се почнати подготовките за враќање на заложниците (Фото: АП)

    Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека е постигнат договор со Хамас за ослободување на заложниците.

    Премиерот Нетанјаху е известен од преговарачкиот тим дека е постигнат договор за ослободување на заложниците. Премиерот му наложи на безбедносниот кабинет да се состане денеска и да го одобри договорот. Семејствата на заложниците се известени и почнати се подготовките за враќање на заложниците во Израел“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

    Одобрувањето на договорот за примирје беше одложено вчера откако Израел го обвини Хамас дека во последен момент барал негови измени. Наспроти ова, Хамас кажа дека е целосно посветен на договорот, за кој се водеа преговори со месеци.

    Претставници на Хамас, Израел, САД и Катар официјално го потпишаа договорот во Доха, објавија израелските медиуми. Тој беше објавен во средата од посредниците САД и Катар, чиј премиер Ал-Тани кажа дека примирјето ќе стапи на сила в недела, откако ќе биде одобрено од израелската влада.

    Крајнодесничарските министри во израелската влада Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрич најавија дека ќе поднесат оставки зашто не се согласуваат со договорот, иако кажаа дека засега нема да ѝ се придружат на опозицијата во обидот да се собори владата.

    Договорот за примирје се состои од три фази и вклучува постепено повлекување на израелските сили од Газа и нејзина обнова. Во првата, шестнеделна фаза треба да бидат ослободени 33 заложници, а израелските трупи ќе се повлечат од густо населените области на Газа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира