МИЦКОСКИ СО ВОЗ ЗАМИНА ДА ЈА ОТВОРИ ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ, 30 КМ СЕ ГРАДЕА 28 ГОДИНИ

    МИЦКОСКИ СО ВОЗ ЗАМИНА ДА ЈА ОТВОРИ ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ, 30 КМ СЕ ГРАДЕА 28 ГОДИНИПругата Куманово-Бељаковце е со должина од 30.8 километри, се градеше 28 години и чини над 78 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски заедно со повеќе министри и пратеници, како и новинари, денеска со воз отпатува во селото Бељаковце на пуштање во употреба на железничката пругата која е дел од Коридорот 8 на пругата кон Бугарија. Пругата Куманово – Бељаковце е со должина од 30.8 километри, се градеше 28 години и чини над 78 милиони евра.

    „Она што претставува важна симболика е што изградбата на оваа пруга претставува и синоним за победа на една неуспешна и криминална транзиција. Последниот воз кој сообраќал на овие правци е во далечната 1996 година, и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на многу влади потоа“, кажа премиерот Мицкоски во обраќањето.

    Покрај железничката пруга се изградени 3 нови железнички станици, реконструирана е постоечката Железничка станица Куманово, изградени се 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација.

    На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 милиони евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед осветлување.

    Дел од средствата се обезбедени од Европската унија, а во изградбата учествувале и компании од Италија, Словенија, Австрија и други.

    Премиерот Мицкоски кажа дека со новите поврзувања на Коридорите 8 и 10 ќе бидат многу важни не само за Европската Унија, туку и за НАТО особено преку коридорот кој ќе ги поврзува Бугарија, Македонија и Албанија.

    За неколку недели ќе се воведе редовна железничка линија Скопје-Куманово, а во одредени денови возот ќе сообраќа до Бељаковце, за жителите на кумановските села во тој дел на регионот.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира