Општина Штип преку ЈП „Стипион“ во септември 2023 година набави шест нови автобуси за потребите на јавниот превоз кој беше укинат пред повеќе од три децении кога јавниот превоз функционираше преку Автотранспортното претпријатие „Балкан Експрес“ кое повеќе не постои. Денес, цената на превозот ја утврдува Советот на Општина и за поголем дел од градските линии билетот чини 30 денари, повратниот е 50 денари, а за приградските населби цената, на билетот е 40-70 денари во зависност од оддалеченоста. Месечните билети чинат 500-600 денари, без ограничување на возењето.
„Со набавените шест нови автобуси веќе една и пол година јавниот превоз бесплатно го користат и учениците, но и голем број граѓани кои за малку пари сега можат да патуваат од своите домови до саканите дестинации во градот или од градот до населените места во Општина Штип, но и во Општина Карбинци. Анализата на комуналното претпријатие зборува дека возобновениот јавен превоз по толку години е полн погодок. И граѓаните се задоволни и финансиските ефекти обострано се над очекувањата“ вели директорот на ЈП „Стипион“ Панче Стефановски.
Тој објаснува дека е востановен возен ред и се знае во кое време од населбите може да се патува до центарот на Штип и обратно. На сите попатни станици се поставени нови автобуски постојки, покриени и со клупи за чекање според потребите на граѓаните, без разлика на временските прилики. Постојките се со сигнализација за возниот ред во колку часот има автобус за населбите во градот и блиските села. Според планот и поддршката од Советот на Општината, „Стипион“ веќе покренува постапка за набавка најмалку на два нови автобуси и придружни возила за вработените кои ќе се добијат на почетокот на пролетта.
„Со севкупниот возен парк од десетина автобуси и комбиња можеме да организираме погуст јавен превоз со повеќе возни линии и намерата е на сите релации да имаме автобуси на секој час. Ќе продолжиме со праксата во петок кога е пазарен ден, пензионерите да имаат бесплатен јавен превоз, а за нив ја одржуваме линијата до бањата „Кежовица“, посебно во вторник кога пензионерите имаат бесплатни бањски услуги, а цената на превозот чини 30 денари. Во петок, пензионерите не плаќаат за превоз што важи и за бањата „Кежовица, но за бањските услуги било кој ден имаат попуст, па наместо 80 денари плаќаат само 50 денари“, вели Стефановски.
Од нова година воведени се линии и до селата Лакавица и Лесковица“ во Лакавичкиот крај, потоа до селата Козјак и Аргулица во потплачковичкиот регион и до селата во овчеполието, како што е селото Долни Балван и приградската населба „Три Чешми“ , велат од ЈП „Стипион.“
Т. ЈОВАНОВСКИ