ПО ПОЛА ВЕК СЕ РЕКОНСТРУИРА САЛАТА НА ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ НА ШТИП

    ПО ПОЛА ВЕК СЕ РЕКОНСТРУИРА САЛАТА НА ОПШТИНСКИОТ СОВЕТ НА ШТИПГрадоначалникот Јорданов најави дека реконструкцијата ќе заврши до првата наредна редовна седница на Советот во февруари. (Фото: СДК.МК)

    Општина Штип почна да ја реконструира големата сала која е наменета за разни општински настани, а најмногу за одржување на седниците на општинскиот Совет. Градоначалникот на Штип Иван Јорданов најави експресна реконструкција, а Општината за комплетната обнова на салата од буџетот издвоила околу 16.000 евра.

    Според Општината, стариот инвентар комплетно ќе биде обновен сосе столиците и клупите, а сега ќе биде една целина со малата сала која беше одвоена само со хармоника-врата, со што салата ќе има поголем капацитет.

    Сала не е реконструирана од изградбата на општинската зграда пред повеќе од половина век, а во неа покрај општинската власт се сместени и подрачните единици на министерствата и други државни институции. Имаше мала реконструкција на крајот на 1980-тите кога доби и посебно студио за снимање на седниците и нивно тонско и печатено архивирање.

    Јорданов вели дека со штипскиот изведувач на работите е договорено експресно и во најкус можен рок салата да биде комплетно обновена и првата наредна редовна седница на Советот во февруари да се одржи во неа. Ќе се обнови и холот пред салата каде се наоѓаат портретите на сите досегашни штипски претседатели на Општината и градоначалници и претседатели на Советот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира