БИТОЛА ШЕСТИ ДЕН ПОД ОТРОВНА МАГЛА, ВО ВОЗДУХОТ ИМА ПМ10 ЧЕСТИЧКИ ТРИПАТИ НАД ДОЗВОЛЕНОТО 

    БИТОЛА ШЕСТИ ДЕН ПОД ОТРОВНА МАГЛА, ВО ВОЗДУХОТ ИМА ПМ10 ЧЕСТИЧКИ ТРИПАТИ НАД ДОЗВОЛЕНОТО Од Општина Битола соопштија дека во периодот на зголемено загадување ќе вршат вонредни инспекциски надзори на терен. (Фото: СДК.МК)

    Битола веќе шести ден е под магла со екстремно згаден воздух. Министерството за животна средина вчера соопшти дека е надминат прагот на алармирање за присуство на суспендирани честички со големина до 10 микрометри во амбиенталниот воздух. Веќе два дена среднодневните концентрации на суспендираната прашина се над 150 микрограми на метар кубен, а со оглед на тоа дека маглата останува и денес, ова ќе биде трет последователен ден со присуство на ПМ10 честички над дозволеното.

    Според официјалните податоци од мерната станица Битола 2 која се наоѓа во центарот на градот, на 21 јануари концентрациите на ПМ 10 честичките биле 172 микрограми на метар кубен, на 22 јануари 160, што е за трипати и повеќе над граничните вредности.

    Од Општина Битола соопштија дека во периодот на зголемено загадување ќе вршат вонредни инспекциски надзори на терен за контрола на Б интегрираните еколошки дозволи и елаборати, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи, казнување и опомени на мали сервиси и погони, чистење на атмосферските шахти и миење на улиците и тротоарите, вонредни контроли на градилиштата и строга забрана на горење на отворено.

    Општината во престојниот викендот ќе организира бесплатен превоз до скијачките терени на Стрежево и кон Инфоцентарот на Пелистер, каде што е сончево со повисоки температури и чист воздух. Битола е погодена од температурната инверзија, па на Баба и Пелистер времето е потопло и сончево со чист воздух, а студените воздушни маси се посметени под маглата во котлината и даваат ниски температури кои не соодветствуваат со официјалните временски прогнози.

    Градот во просек во јануари има шест до седум денови со магла, кога во недостиг на ветер сите загадувачки честитки и гасови остануваат под маглената капа и битолчани дишат екстремно загаден воздух. Под маглата остануваат чадот од возилата и оџаците на објектите, а една третина од домаќинствата се греат на дрва и најголемиот дел од институциите на мазут. Според пописот од 2021, дури 12.874 од 30.154 домаќинства се греат на парно и печки на дрва, јаглен, нафта и други горива.

    Загадениот воздух предивикува респираторни проблеми кај населението. Според Извештајот за влијанието на загаденот воздух во Битола на Центарот за јавно здравје од 2021, во првото тромесечие во годината најголем е морбидитетот на неспецифични респираторни заболувања кај школски деца на возраст од 7 до 14 години. Вакви заболувања се јавуваат кај 835 на 1.000 деца, а во летниот преиод односно третото тромесечие таа бројка е 358.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира