Американскиот Стејт Департмент на 24 јануари одлучи да ја замрзне распределбата на средствата за речиси целата американска помош во странство, со исклучок на хуманитарните програми за испраќање храна и воена помош во Израел и во Египет. Сеопфатната наредба суспендираше бројни проекти кои помогнаа на глобално ниво во сегментите на здравство, образование, развој, обука за работа и во други области.
САД обезбедуваат повеќе странска помош на глобално ниво од која било друга земја, околу 60 милијарди долари во 2023 година, или околу еден процент од американскиот буџет. Извршната наредба повикува на 90-дневна пауза на американската развојна помош во странство за да се процени ефективноста и „конзистентноста со надворешната политика на САД“.
Државниот секретар Марко Рубио испрати порака до американските амбасади ширум светот во која се појаснува спроведувањето на извршната наредба, потпишана од новиот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари. Во наредбата се наведува дека „никаква дополнителна американска странска помош нема да биде исплатена на начин што не е целосно усогласен со надворешната политика на претседателот на САД“. Понатаму, забранува понатамошно трошење на владата за постоечките програми, што значи дека тие можат да се спроведат само со готовина што е веќе достапна. Стејт департментот во периодот на замрзнувањето ќе направи ревизија на илјадници американски програми за помош и ќе одлучи кои може да продолжат.
Хуманитарните групи, невладините организации, претприемачите, земјоделците и владите ширум светот со загриженост ги следат новите планови на Вашингтон. Во Авганистан, замрзнувањето на американската странска помош би било „катастрофално“ за милиони Авганистанци на кои им е потребна, изјави Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци, за Радио Слободна Европа. Запирањето на финансирањето „може да има последици на живот или смрт“ за децата и семејствата ширум светот, рече Аби Максман, шефица на организацијата „Оксфам Америка“.
„Со суспендирање на помошта за развој на странство, администрацијата на претседателот Трамп ги загрозува животите и иднината на заедниците во криза и го напушта долгогодишниот двопартиски пристап кон странската помош на САД што ги поддржува луѓето врз основа на потреба, без оглед на политиката“, изјави Максман.
Заменик-портпаролот на ОН Фархан Хак рече: „Ова се билатерални одлуки, но сепак ги очекуваме оние земји кои имаат способност великодушно да финансираат помош за развој“.
Замрзнувањето следи по претходното ветување на Трамп и другите републиканци дека ќе ја зајакнат контролата на програмите за помош на САД. Републиканецот од Флорида Брајан Маст, новиот претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, вети дека оваа недела дека републиканците внимателно ќе го испитаат „секој долар и секој дипломат“ во буџетот на Стејт Департментот за да се осигураат дека ги исполнуваат нивните стандарди за строга неопходност.