СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА 80-ГОДИШНИНАТА ОД ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ЛОГОРОТ АУШВИЦ

    СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА 80-ГОДИШНИНАТА ОД ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ЛОГОРОТ АУШВИЦКомеморацијата ќе се одржи во Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ на 27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот. (Фото: АП)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, во предградието на Ошвјенќим, близу Краков.

    Комеморацијата ќе се одржи во Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ на 27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот. Најавено е присуството на педесетина државни делегации од целиот свет, како и високи претставници на меѓународни организации, меѓу кои претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, заменичката-генерален секретар на НАТО Радмила Шеќеринска, генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле и заменичката-секретар на ООН за политички и мировни прашања, Розмари ДиКарло.

    Како што соопштија од Музејот „Аушвиц-Биркенау“, оваа годишнина ќе биде без говори на политичарите. Говорите ќе ги одржат само преживеаните од логорот, бидејќи, според директорот на музејот Пјотр Цивињски, тоа ќе биде можеби последната голема комеморација на која тие ќе можат лично да сведочат  за своите искуства.

    Логорот Аушвиц, ослободен на 27 јануари 1945 година од советските сили, е симбол на страдањата за време на холокаустот. Од околу 1,3 милиони луѓе испратени во логорот, повеќе од 1,1 милион беа убиени, главно Евреи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира