ФРОСИНА Е ЖРТВА ОТИ ВО ДРЖАВАТА НЕМА КАЗНИВОСТ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ЗА ПРЕГАЗЕНАТА ДЕВОЈКА ВО СКОПЈЕ

    ФРОСИНА Е ЖРТВА ОТИ ВО ДРЖАВАТА НЕМА КАЗНИВОСТ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ЗА ПРЕГАЗЕНАТА ДЕВОЈКА ВО СКОПЈЕФросина може да биде секој од нас, рекоа на протестот. (Фото: К. Попов)

    Со 3-минутен молк за трите девојки кои досега се прегазени на булеварот Партизански одреди во Скопје, денеска почна граѓанскиот протест на местото каде пред два дена загина 22-годишната Фросина Кулакова. Ја прегази дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло со 120 км на час, додека таа минувала на пешачки премин.

    На протестот, каде поголем дел беа млади и студенти, граѓаните извикуваа „Сакаме правда!“ и рекоа дека вакви работи ќе ни се случуваат и понатаму ако се молчи.

    „Уште многу вака ќе треба да молчиме, ако сега не го кренеме гласот. Фросина може да биде секој од нас. Фросина е жртва на системот, жртва затоа што во државата не постои казнивост“, рече претставник на Студенскиот сојуз кој говореше на протестот.

    Граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Обвинителството и Кривичниот суд. Пред Собранието беше скандирано „Бараме решенија и одговорност“ и беше кажано дека не може една година на улиците да има камери ама тие да не функционораат, бидејќи не се носат законските измени.

    Пред Обвинителството се извикуваше „Сакаме промени“, „Сакаме правда“, „Убијци“, „Нема правда, нема мир“. Пред Судот извикуваа „Затвор за Васил“, „Нема оправдување“.

    Студентите најавија нови протести.

    Јованов, кој вчера доби притвор од 30 дена од судија на претходна постапка, кога имал 16 години во 2022 удрил жена со кола. Удрената жена била со полесни повреди и се откажала од кривично гонење, иако МВР тогаш му поднело пријава на детето возач. Лани, за делото поседување и продажба на дрога судија од Кривичниот суд лани место да го осуди на затворска казна, го пуштил со воспитна мерка, иако кога бил фатен Јованов имал 19 години и бил полнолетен, а веќе го имало и во евиденцијата на истражните органи дека на 16 години удрил со кола во жена и ја повредил.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира