Планираме Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Куманово и Велес, рече денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски. Презентирајќи го буџетотот на Фондот за 2025, Клековски рече дека реорганизацијата на „8 Септември“ е дел од здравствената стратегија, владина и партиска, и дека во моментов, идејата за нов Клинички центар е малку паузирана за да видат кои се потребите на општеството.
„Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември’. Има 150 квадратни метри болнички кревети наспроти Стара Градска каде што се 30 и нешто квадрати. Поради тој капацитет и инфраструктурата околу Болницата, очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растовари Клиничкиот центар во однос на секундарно здравство.
Морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија“, рече Клековски.
За тоа кога би се случило тоа, тој рече дека се потребни законски измени.
„Минатата недела беа презентирани повеќе извештаи меѓу кои и од Светската здравствена организација (СЗО) дека е потребна реорганизација на болничкото лекување и одиме чекор по чекор да ги преточуваме во пракса“, кажа Клековски.
- МАКЕДОНИЈА ИМА МНОГУ БОЛНИЦИ, ЗАСТАРЕНА ОПРЕМА И НЕМА ПЕРСОНАЛ, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈ НА СЗО
- ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ БИДЕ КЛИНИЧКА БОЛНИЦА, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ
- НЕ ЖРТВУВАЈТЕ JA БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ САМО ЗА КОВИД, ГИ ЛИШУВАТЕ ПАЦИЕНТИТЕ ОД ОДЛИЧНИ ДОКТОРИ, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР САШО СТОЈЧЕВ
Б. НЕСТОРОСКА