Вознемирени од геолошки испитувања на планината во Коњско, над Гевгелија, гевгеличани го вклучија алармот за заштита на животната средина. Тие се против најавите на властите во Коњско да се отвори рудник за злато за кој сметаат дека ќе им ја одземе шумата, а ќе им донесе отрови, па рудникот веќе го нарекуваат рудник на смртта. Граѓанското здружение „Спас за Гевгелија“ веќе поведе иницијатива со цел да ги запознае жителите со сите достапни податоци поврзано со активностите за можно отворање на рудник за злато во нивната општина.
„Во наредниот период, ќе ви бидат достапни сите досега расположиви информации за овој проект наречен ’Детални геолошки истражувања на минерални суровини на локалитетот с.Коњско’ започнати во 2013 година, па сѐ до денес. Ќе ве информираме и за резултатите од тие активности и постапките кои следуваат потоа, базирани на светски искуства. Секој од вас, ќе има можност преку големиот број линкови кои ќе ви бидат достапни, да се информира за оваа економска активност. Да се запознаете како денес се копа злато во светот и каде е тоа дозволено. Да се запознаете со катастрофалните последици по човековата околина и човековото здравје од оваа активност во целиот свет. Крајна цел на оваа иницијатива е, сите ние да се собереме и на референдум да речеме не на рудници во нашата општина“, велат од Здружението.
Ја повеле иницијативата оти се загрижени за иднината на сопствените деца, оти не прифаќаат да бидат иселени од дома и не сакаат да бидат како жителите на Радовиш, Струмица и Гевгелија кои немале можности навреме да се информираат за катастрофалните последици од отворањето овој тип рудници.
Здружението на социјалните мрежи рашири видео на кое е прикажан процесот на отворање рудник за злато. Видеото алармира за сечење шума, поставување тони и тони експлозив за да се нарави јама за рудникот, појава на високо токсична прашина која во себе содржи арсен, талиум, сулфурни оксиди, антимон, која ќе ја дишат сите жители на Општината доколку се отвори рудник, а прикажува и дека рудата се третира со цијанид кој останува во јаловината заедно со другите отрови, која пак треба да се складира во депонии. На крајот видеото потсетува дека најголемата еколошка катастрофа, по Чернобил, било излевањето на браната со цијанид во рудникот Баја Маре во Романија поради што целокупниот жив свет во Тиса и во Дунав во должина од 1200 километри изумрел.
По видеото, на социјалните мрежи со реакција се јави и градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, кој вели дека на Кожуф има само испитувања, а не дозвола за отворање рудник.
„Овој хорор филм ниту е сниман, ниту ќе се снима во Гевгелија и на Кожуф Планина. Ниту има исечена шума за отворање рудник, ниту дозвола за изградба на таков рудник, ниту отпочната процедура за добивање дозвола за експлоатација. На Кожуф планина има геолошки испитувања за можни наоѓалишта на злато, но ниту има готови резултати, а уште помалку рудник од било каков тип. За отворање на рудник, мора да се изработи студија за стратешко влијание на животната средина, транспарентно, со јавни анкети а не само со мислења на’експерти’ и сето тоа мора да оди со согласност и мислење од Општината прво и од Министерството за животна средина. Ја разбирам загриженоста на граѓаните и ги поддржувам и сигурно дека нема да дозволам прво јас, како Иван Франгов и како градоначалник на Општина Гевгелија и сите граѓани на Општина Гевгелија и пошироко, таква еколошка катастрофа во нашиот регион да се случи. Ме загрижува само една работа, дали е случајно или намерно, тоа што оваа вест се појави во истиот ден кога отпочна еден голем стратешки проект за Општина Гевгелија поддржан од Владата на РМ, ЕУ и Светска банка, поточно изградбата на новиот водоснабдителен систем. Бидете спокојни, Гевгелија е наш заеднички дом и ќе ја зачуваме безбедна и еколошки чиста“, стои во реакцијата на градоначалникот Франгов.
В. ТРАЈКОВ