Маж со пиштол влегол во Одделението за интензивна нега во болницата во Пенсилванија и ги зел вработените за заложници пред да биде убиен од полицијата во престрелка во која загинал и еден полицаец, соопштија властите. Тројца работници во Меморијалната болница УПМЦ, меѓу кои и лекар, медицинска сестра и чувар, и уште двајца полицајци беа застрелани и ранети во нападот, рече окружниот обвинител на округот Јорк. Четвртиот вработен е повреден при пад.
Престрелката избувна откако полицајците тргнаа да го совладаат напаѓачот, идентификуван како Диоген Архангел-Ортиз (49). Истрагата е во рана фаза, но се чини дека Архангел-Ортиз имал претходен контакт со Одделението за интензивна нега на болницата во текот на неделата заради „медицинска причина во која е вклучено друго лице“ и тој намерно ги таргетирал работниците таму. Болницата е петкатица со 104 кревети, отворена во 2019 во Јорк, град со околу 40.000 жители.
Престрелката е дел од бранот оружено насилство во последниве години што ги зафати болниците и медицинските центри во САД, кои се мачат да се прилагодат на растечките закани. Ваквите напади придонесоа здравствената заштита да стане една од најнасилните области во земјата, при што работниците претрпуваат повеќе нефатални повреди од насилство на работното место отколку работниците во која било друга професија, според Центрите за контрола и превенција на болести на САД.