МЕРЦ НЕ Е СИГУРЕН ЗА ИДНИНАТА НА НАТО

    МЕРЦ НЕ Е СИГУРЕН ЗА ИДНИНАТА НА НАТОПрашање е „дали уште ќе зборуваме за НАТО во неговата актуелна форма или дали ќе мораме да формираме независна европска безбедносна структура многу побрзо“, рече Мерц. (Фото: ДПА)

    Победникот на изборите во Германија, лидерот на конзервативната ЦДУ Фридрих Мерц, изјави дека односот на САД кон Европа ќе води кон размислувања за создавање европска безбедносна структура, доведувајќи ја во прашање иднината на НАТО. Мерц изјави дека Европа мора да ги зајакне своите безбедносни капацитети поради растечките тензии со САД околу војната во Украина и финансирањето на НАТО.

    „За мене, апсолутен приоритет ќе биде зајакнување на Европа што е можно побрзо за, чекор по чекор, да постигнеме независност од САД во безбедносните прашања. По минатонеделните изјави на Доналд Трамп, јасно е дека Американците се засилено незаинтересирани за иднината на Европа“, рече Мерц за време на дебата со другите водечки кандидати по изборите.

    „Многу ме интересира што ќе се случи од денес до НАТО самитот на крајот на јуни“, рече тој. Притоа, додаде дека е прашање „дали уште ќе зборуваме за НАТО во неговата актуелна форма или дали ќе мораме да формираме независна европска безбедносна структура многу побрзо“.

    Мерц, кој ја предводи сестринската коалиција ЦДУ/ЦСУ рече дека тој „воопшто нема илузии за она што доаѓа од САД“.

    Најверојатниот иден германски канцелар ги осуди и „неодамнешните интервенции од Илон Маск во германската изборна кампања“. Американскиот милијардер и неговиот сојузник Трамп се големи поддржувачи на екстремнодесната и проруска Алтернатива за Германија (АфД).

    „Интервенциите од Вашингтон не беа ништо помалку драматични и дрски од интервенциите кои ги гледавме од Москва, оттука ние сме под огромен притисок од двете страни“, рече Мерц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира