Во ниту еден момент нема да се случи да имаме две болници кои ќе се реновираат и ништо нема да функционира, вели директорот на Клиниката за хирурушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, д-р Небојша Настов. Министерството за здравство минатата недела најави дека ќе почне да се реновира Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), ќе функционира со намален капацитет и дека дел од пациентите ќе преземат Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември’’, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за неврохирургија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера најaви дека „8 Септември“ во Скопје ќе се реконструира за 12 милиони евра, со пари од турската компанија „ТАВ Македонија“ што требаше да ги вложи во изградба на кагро аеродром во Штип.
Министерот за здравство Арбен Таравари на денешната промоција на нова опрема во „Св. Наум Охридски“ рече дека реконстркцијата на КАРИЛ ќе трае 6 месеци, потоа продолжуваат со хирушките сали во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, поточно од 1 април до средина на јуни. Потоа ќе почне реконструкцијата на „8 Септември“ која треба да заврши за 3-4 месеци.
„Сметам дека е апсолутно некоректно некој да коментира и да каже дека услугите може да се пружаат само на КАРИЛ, да не се лажеме, истите доктори, истиот персонал, истата едукација, опрема ја има и на КАРИЛ и во ‘8 Септември’ и во ‘Св. Наум Охридски’. Да не се заплашува населението дека ако не функционира КАРИЛ, ништо нема да функцонира. Секвенционално ќе оди реновирањето. Опреационите сали во Клиничкиот центар ќе функционираат, ќе биде намален бројот на интензивните кревети. Оној вишок на пациенти кој би требало да се хоспитализраат во интезивните неги ќе се распределуа во ‘8 Септември’ и во ‘Св. Наум Охридски’ и на Клиниката за неврохирургија. Во ниеден момент нема да бидат две болници во кои нема ништо да функционира. Покриеноста ќе биде соодветна. Да нема нејаснотии, кадровски сме екипирани, апсолутно персонал не ни треба во дадениот момент“, рече д-р Настов.
Таравари додаде дека во меѓувреме е инвестирано во Интензивна нега на Инфективната клиника, која на 28 февруари ќе се пушти во употреба.
Б. НЕСТОРОСКА