СВЕДОК ОД ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“ ТВРДИ ДЕКА ВО ВРЕМЕ НА УБИСТВОТО НА ВАЊА СЕ ДОПИШУВАЛ СО ПАЛЕВСКИ ЗА НАБАВКА НА ИРАНСКИ ДРОНОВИ, АМА КОМУНИКАЦИЈАТА НА ТЕЛЕГРАМ СЕ ИЗБРИШАЛА

    СВЕДОК ОД ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“ ТВРДИ ДЕКА ВО ВРЕМЕ НА УБИСТВОТО НА ВАЊА СЕ ДОПИШУВАЛ СО ПАЛЕВСКИ ЗА НАБАВКА НА ИРАНСКИ ДРОНОВИ, АМА КОМУНИКАЦИЈАТА НА ТЕЛЕГРАМ СЕ ИЗБРИШАЛАПоради нејасна листа со сведоци и докази за обвинетиот Палевски, тука се прекина судењето, продолжува на петти март. (Фото: К. Попов)

    Судењето против Љупчо Палевски, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев и Александар Ѓорчевски, за киднапирање и убиство на соседот на Манев, 75-годишниот Панче Жежовски од Велес, а потоа и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, продолжи со доказна постапка на одбраната на обвинетите.

    Сведокот Зоран Петковски, порано работел во полиција  и кој се претстави дека е член на Комисијата за безбедност на политичката партија Десна на Љупчо Палевски, кажа дека се слушнал и се допишувал со него утрото на 27 ноември 2023.

    „Јас и Палевски се слушнавме критичниот ден на 27 ноември 2023 година. Комуникацијата беше меѓу 8.20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку Телеграм апликација, креиран од Љупчо Палевски. Јас сум член на Комисијата за безбедност во политичката партија Десна. Со Палевски разговаравме за ирански дронови, трансфер преку Србија од Иран. Добив задача од Палевски да соберам информации околу ова и да ги известам останатите членови на Комисијата за безбедност“, одговори сведокот на прашање на адвокатот на Палевски.

    На ново прашање од адвокатот, сведокот кажа дека бил викнат во полициската станица Пролет во врска со просториите на партијата.

    „Тајно вклучив диктафон. Бевме во канцеларијата на началникот Драган Зарински, тука беше и колегата Дејан Димевски. Разговорот беше околу еден час. Бевме со колега поранешен безбедњак Тони Алексовски. Кај 54-та, минута ми се обрати началникот Зарински. Ме праша дали го познавам Боре. Му одговорив потврдно. Ми покажа дупка во ѕидот и ми рече: ‘Ете ова е од Боре’. Ми рече: ‘Користевме стари методи за добивање на признанија'”, зборуваше сведокот.

    „Признанието е изнудено со сила и сметам дека Судот треба тоа да го земе предвид“, препорача сведокот.

    Потоа продолжи да раскажува впечатоци од средбата во полициската станица.

    „Зарински кажа дека додека зборел со Боре и го тепал во канцеларијата, Влатко Кешишев стоел пред вратата и слушал. Рече, кога влезе Влатко, ми кажа: ‘Боре и Вељо. Тие ми го донесоа во гепекот, откај што го презедов’. Мислеше на Панче Жежовски”, тврдеше сведокот на кого мислел началникот Заринки, кога наводно со странките од Десна споделувал податоци од истрагата.

    Потоа разговарале за проектот Безбеден град, зашто порано, додека сведокот не бил пензиониран, работел на него заедно со претставници од Израел. Во вкрстено прашање, обвинителката побара прецизирање дали околу дупката во ѕидот што тврди дека ја видел, имало крв, на што сведокот одговори негативно.

    На дополнително вкрстено прашање од обвинителката, сведокот кажа дека не ја чува пораката од Љупчо Палевски за дроновите.

    „Каналот е креиран од Љупчо Палевски така што, за 30 минути се бришат и каналот и комуникацијата“, кажа сведокот.

    Судијата Ивица Стефановски го праша дали Љупчо Палевски знае да работи добро со компјутери? Сведокот потврди, рече дека Палевски добро владее со уредите за електронска комуникација.

    Поради нејасна листа со сведоци и докази за обвинетиот Палевски, тука се прекина судењето. Продолжува на петти март.

    Треба да се изведат и доказите на останатите обвинети освен за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кого одбраната тоа го направи денеска.

    Она што го чека јавноста, е сведочењето на обвинетите. Кешишев, Видевски и Манев во истрагата признаа вина и го посочија Палевски дека е мозокот на двете операции  за убиствата и егзекутор на Панче и на Вања. Таткото Александар го посочија дека дал информација за точното време кога Вања излегува од дома за на школа.

    По ова, ќе следуваат завршни зборови и пресуда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира