КАСАМИ ИМ ПРЕПОРАЧУВА НА ТЕТОВЦИ ПОВЕЌЕ ДА ПЕШАЧАТ, А ПОМАЛКУ ДА ВОЗАТ КОЛИ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ГУЖВАТА ВО ГРАДОТ

    КАСАМИ ИМ ПРЕПОРАЧУВА НА ТЕТОВЦИ ПОВЕЌЕ ДА ПЕШАЧАТ, А ПОМАЛКУ ДА ВОЗАТ КОЛИ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ГУЖВАТА ВО ГРАДОТОваа недела за половина намален е бројот на изречени казни од страна на паркинг службата. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, во придружба на началникот на СВР Тетово Ријат Алили и директорот на „Градски паркинг“ Мирко Маринковски, излегоа на терен да видат каква е состојбата со паркирањето во градот. При неодамнешната посета на министерот за внатрешни работи на Тетово, Касами побара полицијата повеќе да биде присутна на тетовските улици за да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж, посебно во делот на непрописното паркирање.

    „Излеговме на самото место да провериме како се имплементира одлуката која неодамна ја донесовме заедно со министерот за внатрешни работи во врска со зголемениот интензитет на контрола на прекршителите на сообраќајните правила во Тетово. Истовремено апелирам до сите сограѓани заедно да работиме да имаме почисти и пофреквентни улици. Улиците се за движење на возила, тротоарите се за пешаците и поради тоа треба да внимаваме. Според информациите кои ги имаме добиено од СВР Тетово, само за три дена како се реализира оваа акција имало над 100 предупредувања и казни за граѓаните кои непрописно се паркирале. Со овие контроли ќе се продолжи со истиот интезитет и во наредниот период, со цел на улиците и тротоарите да нема паркирани возила. Тетовци не мора да излезат со возило, ќе биде добро за нивното здравје ако пешачат малку повеќе, така ќе придонесат и за своето здравје и да се намали гужвата во сообраќајот“, рече Касами.

    Од ЈП „Градски паркинг“ се задоволни од зголемената соработка со полицијата и велат дека тоа придонело да се намали и бројот на изречени казни.

    „Најголемиот проблем за нас од паркинг службата е двојното паркирање по улиците. За двојното паркирање мора да има интервенција од полицијата, бидејќи тоа е сообраќаен прекршок, а ние како паркинг служба немаме ингеренции да отстрануваме возила и да казнуваме вакви прекршоци. Оваа недела за половина е намален бројот на изречени казни од страна на паркинг службата во делот на пајак службата и поставување блокатори, токму поради зголеменото присуство на полицијата на тетовските улици“, вели Маринковски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира