ГЛАСОТ НА ПЛАСИДО ДОМИНГО ГО ВНЕСЕ СКОПЈЕ ВО ДРУГА ДИМЕНЗИЈА, ПЕЕШЕ ДВА И ПОЛ ЧАСА

    ГЛАСОТ НА ПЛАСИДО ДОМИНГО ГО ВНЕСЕ СКОПЈЕ ВО ДРУГА ДИМЕНЗИЈА, ПЕЕШЕ ДВА И ПОЛ ЧАСА84-годишниот Доминго пленеше со моќта на гласот, со мелодијата на италијанските и германските арии, со љубовта и болката на шпанските песни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скопје влезе во друга димензија со гласот на оперската ѕвезда Пласидо Доминго на синоќешниот концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. 84-годишниот тенор и диригент, заедно со сопранот Марија Жозе Сири (Уругвај/Италија) и Оркестарот и Хорот на Националната опера и балет (НОБ) под диригенство на Марчело Рота, одржаа дваиполчасовен концерт со кој ја оставија публиката без зборови.

    84-годишниот Доминго, со форма, стас и глас како да е во цутот на младоста, пленеше со моќта на гласот, со мелодијата на италијанските и германските арии, со љубовта и болката на шпанските песни. Жозе Сири, која првпат настапува со Доминго му беше одлична партнерка на сцената, а исто така воодушеви и Оркестарот на НОБ под диригенство на Рота.

    Сведочевме на жива легенда која со самото тоа што дојде во Скопје во 50-годишната кариера со сите светски сцени, нѐ почасти и нè стави во категорија на нормални држави, со прекрасен концерт, волшебна музика, весели лица.

    Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, со над 4.400 настапи. ( Фото: Ѓ. Личовски)

    „Како во некоја повисока класа да нѐ стави“,„Нѐ извади од дупка“, „Извади од нас нешто благородничко“, „Вака треба да изгледа градов“, „Грмеше салата“, се само дел од впечатоците по концертот, иако се одржа во спортска сала на пластични столчиња. Сепак, некои гледачи не ги дочекаа бисовите, па Доминго пееше, а тие брзаа да одат накај влезовите.

    Одличната оперска певица Марија Жозе Сири ја воодушеви публиката. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Коцеротот го организираа „Прагма продукција“ и Националната опера и балет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира