Музичарот Ѓорѓи Ѓорѓиев од Струмица е меѓу 59-темина загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Ѓорѓиев беше тапанар на групата ДНК која ноќеска настапуваше во дискотеката кога се случи пожарот.
За смртта на младиот музичар, на Фејсбук објави струмичкот градоначалник Костадин Костадинов.
Во пожарот е повреден и Владимир Блажев-Панчо од групата ДНК, кој има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка, хоспитализиран на Клиничкиот центар во Скопје.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани досега е 59 лица, на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип. Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.
155 се хоспитализирани во различни здравствени установи низ државата, a дваесет повредени кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи.
Момче кое успеало да се спаси изјави дека пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запалил стиропорот на таванот, имало експлозија и паднал покривот, по што сите брзале да излезат на единствената врата.
Според првичните информации, како што претходно кажа министерот Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез на единствената врата во објектот.
М. ЏАРОВСКА