Нема да има милост за никого, од дома за уши ќе ги вадиме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на синоќешната изјава на портпаролот на ДУИ Арбер Адеми. Тој пред полициската станица Карпош, каде што на распит се наоѓаше поранешниот министер за економија Крешник Бектеши обвини портал дека уште во 9 часот почнала да се развива теорија дека зад настанот во Кочани стои некој Албанец, за потоа откако „други провладини портали ја објавуваат истечената лиценца од 2023 година, ја бришат веста за да после неколку часа ја објавуваат веста за некоја фалсификувана лиценца како главен столб на владиниот спин наратив“.
„Да им одговорам на оние што прават полноќни прес-конференции. Тука нема политика. Ќе одговарате сите кои што сте се дрзнале на овој начин да водите политика на грбот на граѓаните и на животите кои овие деца ги загубија. Нема да имам милост, од дома ќе ги вадиме ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство со кое вчера се обидоа со тие полноќни прес-конференции. Од дома за уши ќе ги вадиме, ова треба да го знаат“, рече Мицкоски по посетата на повредените од пожарот во кочанската дискотека на скопските клиники.
На новинарско прашање за лиценцата на дискотеката, Мицкоски рече дека дошле до заклучок дека во 2024 вкупно се издадени 12 лиценци за кабаре.
„А вие сега може да претпоставивте колку клубови работат низ државата. Само 12 поседуваат лиценци, не знаеме кои се од тие валидни. Бидејќи претпоставувам дека на некои рокот им е изминат бидејќи тие се со важност од една година. Очигледно дека некој не си ја вршел работата и сега се обидува под наводно некава политизација да ја сокрие криминалната работа која ја правел изминативе години додека раководел со таа институција. Нема да имам милост кој сака нека биде, од каква сака нека биде етничка припадност и од која сака нека биде политичка партија. Тоа што се случувало е повеќе од криминал. Ова е би рекол масовно убиство кое го дозволувал за пари, за мито, за корупција да се случи. Сѐ треба да се затвори и сѐ ќе затвориме“, кажа Мицкоски.
- НЕМА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“ ВО РЕГИСТЕРОТ ЗА ЛИЦЕНЦИ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА, ОБЈЕКТОТ БИЛ РЕГИСТРИРАН ЗА ЛЕСНА ИНДУСТРИЈА, КАЖА ТОШКОВСКИ
- ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР Е ПОВИКАН ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА КРЕШНИК БЕКТЕШИ
Б. НЕСТОРОСКА