ЖИТЕЛИ НА КОЧАНИ ГО ИСКРШИЈА КАФУЛЕТО НА СОПСТВЕНИКОТ НА НЕЛЕГАЛНАТА ДИСКОТЕКА И ЈА КАМЕНУВАА ОПШТИНАТА, ГО ПОВИКАА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПАПАЗОВ ДА ИЗЛЕЗЕ

    ЖИТЕЛИ НА КОЧАНИ ГО ИСКРШИЈА КАФУЛЕТО НА СОПСТВЕНИКОТ НА НЕЛЕГАЛНАТА ДИСКОТЕКА И ЈА КАМЕНУВАА ОПШТИНАТА, ГО ПОВИКАА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПАПАЗОВ ДА ИЗЛЕЗЕПротестниот марш заврши пред Општината каде што дел од младите удираа по вратите и прозорците(Фото: СДК.МК)

    Голем број граѓани денеска излегоа на протестен марш низ Кочани на кој побараа одговорност за 59-те лица кои вчера загинаa во пожарот во дискотеката „Пулс“. Маршот почна од паркот во Кочани од каде граѓаните извикувајќи „убијци“ и „секој еден може да е следен“ и дојдоа до општинската зграда.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дел од присутните почнаа да ја каменуваат Општината, удираа по вратите и прозорците од објектот и го повикуваа градоначалникот Љупчо Папазов да излезе надвор. Потоа отидоа до кафулето „Класик“, сопственост на газдата на нелегалната дискотека „Пулс“, и го демолираа. Ја скршија застаклената пушачка тераса, столиците и масите и влегоа внатре во објектот“.

    Потоа беше демолирано комбе на „Карго експрес“, компанија за која сопственикот на дискотеката „Пулс“ е претставник за Кочани. Потоа демонстрантите го пробија полицискиот кордон пред домот на градоначалникот Папазов, бараа одговорност и  ја гаѓаа неговата куќа со јајца и камења.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Еден час подоцна, државниот обвинитела Љупчо Коцевски на прес-конференција кажа дека градоначалникот Папазов попладнето се наоѓа на сослушување пред обвинител во истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Тој не е во групата осуммина за кои судија на претходна постапка одреди краткотраен притвор, туку е во тие 6 новоповикани на разговор во Основното јавно обвинителство (ОЈО) на Кочани. За сите 14 сослушувани ќе се бара притвор. Премиерот Христијан Мицкоски во денешната изјава кажа Папазов дека немал одговорност за работењето на дивата дискотека.

    Градоначалникот вчера не излезе на местото на трагедијата, не се појави во јавност да изрази сочуство ниту беше во болница да ги посети повредените. Дури утрово на својот фејсбук профил напиша дека поднесува оставка и побара од институциите да ја испитаат одговорноста за пожарот во неговиот град.

    Министерот Панче Тошковски денеска кажа дека во СВР Скопје и СВР Тетово се приведени 5, а во Штип 13 лица, меѓу нив и три лица од Државниот пазарен инспекторат, едно лице од Инспекторатот за труд, сопственикот на објектот, членови на обезбедувањето, сопственикот на агенцијата за обезбедување, продавачот на карти и други лица вработени во објектот -дискотека без дозвола за работа. Одреден е краткотраен притвор за 11 лица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира