Во здравствените установи во Скопје и во Штип има вкупно 89 хоспитализираи пациенти по пожарот на 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, а во странство до сабајлево се испратени 76 пациенти, рече денеска заменикот-министер за здравство Јовица Андовски. Во пожарот загинаа 59 лица, главнината на возраст од 14-25 години.
„Планираме наредниот период да испратиме уште неколку во Австрија, Полска, Холандија, Италија, Норвешка, во текот на денот ќе знаеме по колку“, кажа тој утринава.
Владата денеска потврди дека во пожарот загинаа 59 луѓе и реагира дека во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите.
„Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите. Бројките ги утврдуваат официјалните медицински и истражни служби кои работат на терен. Владата инсистира на целосна транспарентност и јавноста ќе биде редовно информирана за сите нови детали поврзани со истрагата“, соопшти Владата.
Министерот за здравство Арбен Таравари, кој денеска во Солун ги посети Општата болница Папаниколау и Воената болница, сооптши дека сите пет пациенти примени во овие установи се во стабилна состојба.
Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) соопшти дека вчера биле хоспитализирани уште 20 повредени, меѓу кои и тројца пожарникари. Пристигнати се и тимовите од Чешка и Израел.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, д-р Огнен Костовски, кажа од оние кои се во странство, некои се во потешка состојба, а оние кои се на клиниките во Скопје се во стабилна состојба. Тој кажа дека ниту еден пациент во моментов нема да биде испратен на домашно лекување, и тие што се полесно повредени се задржуваат на опсервација.
„Од почетокот, на Клиниката за токсикологија се хоспитализацирани 18 пациенти од кои четворица поради влошување на општата состојба се префрлени на КАРИЛ, а тројца чинам ќе бидат префрлени во странски земји. Од тие што останаа, за четворица не сме задоволни од нивната сосојба, не се стабилни, другите се стабилни. Бидејќи се работи за изгореници на горните дишни патишта и за акутно тешко труење со штетни гасови, посебно со јаглероден моноксид, очекуваме да има компликации во наредните денови. Но сите сме мобилни, имаме засилени екипи. Доаѓаат пациенти кои се малку уплашени, на сите им правиме серија клинички испитувања, нешто да не пропуштиме. Досега немаме констатирано потешки компликации, меѓутоа ваквите труења, посебно со отровни гасови, може да дадат доцни компликации и на сите пациенти им е препорачано во наредните 10 дена да дојдат на контрола, веќе почнаа да се закажуваат контроли“, рече д-р Андон Чибишев, директор на Токсикологија.
Според директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, здравствените капацитети во регионот се веќе пополнети и затоа пациентите почнаа да се испраќаат во подалечни земји.
Основниот суд Кочани вчера даде краткотраен притвор на 8 плус 6 осомничени за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, меѓу кои и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, за да може со нив приведените да се задржат на распит повеќе од 24 часа. По истекот на овие 48 часа, ќе се знае за кого од овие осомничени обвинителите ќе побараат 30-дневен притвор. Претходно на распит кај обвинител, но не и кај судија на претходна постапка, беше градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов. По сослушувањето, си заминал дома, не бил донесен во судот.
Б. НЕСТОРОСКА